Не може млекото да биде поскапо во Македонија отколку што е во Австрија. Во моментов тетрапак млеко во Македонија е 80 денари, во Австрија е 1.25 евра, вели економистот Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии.
-Нема никаква економска оправданост за такво нешто. Ниту струјата е поскапа во Македонија, ниту платите, ниту даноците. Доколку на Владата не и е гајле за сиромашните дали тие ќе имаат да јадат, тогаш бујрум не мора да ги замрзнуваат цените па ќе видиме, тие што се богати ќе стануваат уште побогати, тие што се сиромашни ќе гладуваат – изјави Јовановиќ за ТВ21.
Според него владината мерка за замрзнување на цените е задоцнета, но подобро подоцна отколку никогаш. Јовановиќ додава дека замрзнувањето на цените не би влијаело негативно врз профитот на компаниите како што тврдат тие.