„Фестивалот ‘Киненова’ се издвои во регионални рамки, бидејќи во континуитет ја реализираме таа мисија на промовирање и афирмирање на новите филмски автори. Тоа беше препознаено и им значи на новите автори“ рече директорот на фестивалот „Киненова“, Небојша Јовановиќ во утринската програма на Слободен печат.
Тој додаде дека за учество во главната програма услов е филмот да биде прв, втор или трет филм на авторот, иако во светски рамки на ваквите фестивали веќе започнуваат да се прифаќаат и четвртите дела на авторите.
„Има 15 до 20 вакви фестивали во светот. Еден од нив, најголемиот, е во Ротердам, еден од најголемите регионални е во Солун, има во Бусан, Линц…“ рече Јовановиќ.
Директорот на фестивалот објасни фестивалот кај нас се финансира од повеќе извори на финансирање, вклучително и државата, Општина Центар, амбасади и спонзорства, но како што рече без поддршката од ЕУ фестивалот веројатно немало да преживее.