Ако нема раст на платите, кризата дополнително ќе се продлабочи, зашто луѓето ќе купуваат сè помалку и помалку, што ќе ја забави економската активност, смета Бранимир Јовановиќ од Виенски институт за меѓународни економски студии, коментирајќи за „Фокус“ дали барањата на синдикатите за повисоки плати се оправдани.
-Барањата на синдикатите се целосно оправдани. Инфлацијата забрзано ги јаде примањата на луѓето. Уште во јануари реалната плата имаше намалување во однос на истиот период од претходната година од 0.6 отсто, а оттогаш цените се зголемени уште повеќе, вели Јовановиќ за „Фокус“.
Според него, изговорот на Владата дека ако се зголемат платите дополнително ќе се забрза инфлацијата е апсолутно неиздржан и нестручен.
-Како тоа платите на учителките влијаат на цените на нафтата, или пак на храната? Инфлацијата низ која поминува светот сега е предизвикана од повисоките глобални цени на енергенсите и храната, а не од платите на работниците, додава Јовановиќ.
Фискалните трошоци за зголемувањето на платите во образованието и администрацијата, како што пресметува, би биле околу 60 милиони евра, односно 0.5 отсто од БДП.
-Пред само неколку недели владата донесе пакет за поддршка на фирмите од 600 милиони евра, односно 10 пати поголем. Тоа покажува дека парите не се проблем – пари има, нема политичка волја, порачува тој.
СОНК денеска го почна генерален штрајк во училиштата и градинките откако на неколку средби со ресорните министерства и Владата не беше постигнат договор во врска со нивното барање за зголемување на платите во образовниот сектор за 18,4 проценти.
Од Синдикатот посочуваат дека целта на ова барање е усогласување на останатите плати со порастот на минималната плата во државата од 15.199 на 18.000 денари, што веќе стапи во сила.
Ф.Ф.С.