Актуелниот директор на Дирекција за Технолошко-индустриски развојни зони, Јован Деспотовски, денес ја поднесе својата кандидатура за претседател на владејачката СДСМ. За пошироката јавност, освен што е познат како поранешен директор на Фондот за иновации и технолошки развој, Деспотовски заедно со своето семејство се најде во центарот на вниманието на јавноста во 2018 година, кога згрижија дете без родителска грижа.
Тогаш, со неговата сопруга Јана Дуковска – Деспотовска, за медиумите раскажаа дека покрај тоа што имаат три биолошки деца, две ќерки и син, кои беа на возраст од 5, 8 и 11 години, одлучиле да го збогатат семејството со уште еден член.
Нивниот потег, да го згрижат малиот Иво, кој дојде во нивниот дом кога имаше само три дена, наиде на голема поддршка од страна на јавноста.
Раскажаа дека се решиле да станат згрижувачко семејство по кампањата на Министерството за труд и социјала и УНИЦЕФ, и порачаа дека на Иво сакаат да му дадат љубов и можност да расте во здраво семејство.
Сепак, приказната за настанот, кој разбуди многу емоции во земјава, немаше среќен крај. Малиот Иво, уште на почетокот се соочил со низа на здравствени проблеми, а потоа му била дијагностицирана ретка болест, со која ја изгубил битката кога имал една година. Останал со семејството Деспотовски до крај, а тие целосно се вложиле да му го олеснат животот, и тоа малку време кое го имал да му биде исполнето со неизмерна љубов и грижа.
Вчера, кога Деспотовски изјави дека размислува да се кандидира, порача дека првин сака да се консултира со своето семејство.
Денес, по поднесувањето на кандидатурата за претседател на СДСМ, во телефонски разговор за ,,Фокус” вели дека семејството секогаш му е приоритет и нивната поддршка му значи најмногу.
-На децата им е веќе јасно, имаат 14, 11 и осум години, реагираат дека изминатиот период често слушаат како ме спомнуваат на телевизија. Сепак, морав со нив да разговарам отворено, да ги подготвам, бидејќи ова е сериозен чекор кој секако ќе влијае врз животот на целото семејство. Ја имам нивната поддршка.
Инаку, кога ме прашуваат колку деца имам, јас се уште кажувам, и тоа ќе биде така секогаш, дека имам четири деца. Иво останува дел од нашето семејство, тој е нашата тага за која си ја носиме во себе и не би раскажувал повеќе на темата – ни изјави Деспотовски.
Вики Клинчарова