Поп пејачот Јоце Панов и неговата сопруга Марина вчера станаа родители. Нивниот син Лука се роди во Скопје, во приватната болница Ремедика, синоќа во 20 часот, а породувањето поминало во ред.
За ,,Фокус” Јоце вели дека се уште не може да се совземе од големата среќа, а за чувството да се биде татко, раскажува дека го доживеал како магија.
-Не можев ниту да претпоставам дека Лука ќе ми разбуди вакви силни емоции. Уште сум во едно прекрасно бунило, ете доживеав да станам татко. Неверојатно е како едно мало и нежно суштество може за еден миг да ти го промени целиот свет, пресреќни сме со сопругата – раскажува штипјанецот.
Тој и Марина беа во врска околу десет години пред да стапат во брак, лани во август. Имаа голема свадбена забава во ресторан во Скопје, а за гостите тогаш приредија изненадување со видео за песната ,,Денес љубовта победи” изработено со кадри од младенците.
Околу тоа како новородениот син го доби името Лука, Панов вели дека коцките сами се склопиле.
-Случајно името Лука многу им се допадна на сопругата, а во исто време и на кумовите. Јас не се мешав, оставив тие да одлучат. Коцките се склопија кога Марина и кумовите открија дека всушност истото име најмногу им се допаѓа – ни изјави Панов.
Во изминативе години, кога се настапите во прашање, тој е еден од најбараните пејачи кај нас, но и има и чести гостувања во соседството.
По повод празниците вели дека подготвува музичко изненадување за своите слушатели, нова песна и спот, која наскоро ќе биде промовирана на македонски и српски јазик, изработена од наши и српски автори.
-Ме радува тоа што понудите за настапи постојано пристигаат и немам ниту еден слободен викенд. Драго ми е што публиката ме бара, бидејќи во музиката ја вложив својата душа. За дочекот на Новата година ќе настапувам во родниот Штип, во дискотеката ,,Клик”, а пред празниците ќе се случи премиерата на новата песна и спот – раскажа музичарот.
Вики Клинчарова