Поп пејачот Јоце Панов денес се прости од својата мајка Василка, на градските гробишта во Штип. Нејзината ненадејна смрт доста го погодила, бидејќи таа целиот живот му била најголема потпора, откако на свои 11 години го изгубил татко му Димитар.
Со емотивна порака на својот официјален Фејсбук профил, тој се збогуваше од неа, и и се заблагодари за нејзината лавовска борба, како самохрана мајка, која што успеала да школува и воспита три деца без ничија помош.
,,Денес во 20:30 часот се сруши мојот свет и моето срце го приклешти најголемата болка на светот. Ненадејно почина мојата мајка…
Ти мајко беше најголемиот херој на овој свет, јас најдобро ја знам твојата големина, а и сите кои те познаваа, знаат каков редок човек беше ти. Горд сум на тебе што успеа три деца да одгледаш во здрави и нормални личности. Татко ми Димитар Панов почина кога имав само 11 години, а ти мајко моја се бореше сама како лавица во животот, да не школуваш и воспитуваш. Ти благодариме до небо’’ – напиша пејачот во посветата.
Јоце Панов е присутен на сцената од 2004 година и зад себе има многу хитови. Чест гостин е во Црна Гора, и има освоено повеќе награди во Будва, на фестивалот ,,Песна на медитеранот’’ но и во Загреб – Хрватска, Варна – Бугарија и во Белорусија на разни музички фестивали.
Вики Клинчарова