Потпретседателката на Бугарија – Илијана Јотова денеска во бугарскиот град Ќустендил ги повика своите македонски колеги „со поголемо разбирање да ги читаат европските вредности“.
Според неа, почитувањето на човековите права е клучно за напредокот во преговорите за членство во Европската Унија, особено во првото поглавје, кое се однесува на основни права.
Таа рече дека ако постои барем една држава која смета дека не се почитуваат човековите права, особено на малцинствата, процесот на интеграција во ЕУ не може успешно да продолжи.
Оваа нејзина изјава доаѓа паралелно на неодамнешната оценка на Советодавниот комитет на Советот на Европа, во која пак се укажува дека во Бугарија се забележува недостаток на свест за малцинските права.
Во документот се вели дека властите во Бугарија не ги признаваат објективните критериуми за постоење на македонски идентитет, што дополнително ги ограничува правата на овие лица што пак создава впечаток на двојни стандарди.
– Ние како држава ги почитуваме и постапуваме доколку постојат такви пресуди од институцијата која е одговорна да носи одлуки за почитување или непочитување на човековите права – одговори денеска македонскиот премиер Христијан Мицкоски на прозивката на Јотова.