По пет години од нејзиниот последен концерт во Скопје, кој беше дел од нејзината турнеја ,,50 години Јосипа”, хрватската музичка ѕвезда Јосипа Лисац повторно доаѓа во нашата метропола.
На својата официјална страница таа го најави концертот кој треба да се одржи на трети ноември во Скопје, како дел од нејзината турнеја по повод 50 години од издавање на албумот ,,Дневникот на една љубов”.
Култниот албум ,,Дневникот на една љубов” беше издаден во 1973 година и во него е овековечена нејзината љубов со композиторот Карло Метикош. Љубовната приказна им започнала во 1971 година, и важеа за синоним за безусловна љубов. Во тој период таа имала 21, а пак Карло 31 година. Освен животен партнер, тој беше и нејзин музички соработник.
Интересно е што една година пред да ја започнат врската, тие имале средба во Скопје, на заеднички настап, но тогаш Карло бил во врска со Габриела, жена од Етиопија. Таа средба Јосипа ја има опишано со зборовите дека тој воопшто не и посветил внимание.
-Се сеќавам дека во Скопје тој свиреше на клавир, јас му пријдов и му кажав дека прекрасно свири. Не ме ни примети! Подоцна, кога нашите домаќини од Скопје организираа вечера, сите седевме на големата маса, имаше и пејачи и политичари, актери, но Карло мене не ме ни забележуваше.
Дури подоцна, кога по една година ја започнавме врската, тој ми призна дека го запамтил секој детал од таа прва средба во Скопје. Раскажа каков фустан носев, што му реков, до кого седев на масата, па дури и за актерот кој таа вечер ми се додворуваше. Се забележал и запамтил – се сеќаваше Јосипа.
Во постари интервјуа, Јосипа често раскажуваше дека тој е нејзината сродна душа, но не сакале да се венчаат. Никогаш, дури и во лутина не си кажале лош збор.
-Кога бев нерасположена, веднаш ќе најдее начин да ме насмее, беше многу духовит. Тој беше господин, а секогаш во друштво умееше сите да ги расположи, и жените и мажите, сите го обожаваа – истакна таа во интервју за хрватските медиуми.
По дваесет години поминати заедно, се случи трагедијата, кога Карло во 1991 година почина ненадејно во својата 52-ра година од животот.
Во негова чест, Лисац секоја година одржуваше концерт на датумот на неговото заминување, и често го спомнува на социјалните мрежи.
-Не може смртта да однесе несшто кое го чувствував толку години. Зарем луѓето можат да се сакаат само ако се гледаат и допираат? Можат ли чувствата да исчезнат ако нешто непланирано им се случи на тој пат? Зарем чувствата, сликите, доживувањата и кажаните зборови умираат и заминуваат? Не, јас ги изговорив, ги доживеав, и уште ги доживувам.
Си го чувам минатото во срцето и главата, а сеќавањата ми даваат сила да продолжам понатаму. Мојата болка нема никогаш нема да исчезне, свесна сум дека утре ќе ме боли повеќе од денес- кажа таа пред две години, по повод одбележувањето на 30-годишнината од смртта на Карло.
Родена пред 73 години во Загреб, Лисац се уште настапува со ист елан како во младите години и распродава концерти ширум поранешните Југословенски републики.
Вики Клинчарова