Музичката ѕвезда Јосипа Лисац утринава пристигнала во Скопје, каде вечерва ќе одржи концерт во Македонска филхармонија.
Синоќа, на пат кон Скопје таа доживеала изненадување, за кое објави на својата официјална страница. Имено, како што раскажа Лисац, за време на патувањето таа се сретнала со членови на Ветеранскиот ватерполо клуб „Магла“ од Сплит, кои исто така патувале кон Скопје.
Тие и пришле и и кажале дека нејзината песна „Магла“ била химна на нивниот клуб.
-Оваа средба е пример како уметноста може да се поврзе со различни аспекти од животот. Музиката и спортот засекогаш нека останат инспирација за заедништво! – објави пејачката.
Нејзиниот тим им посака успешен турнир на ватерполистите во Скопје, а на Јосипа прекрасна средба со нејзината публика.
Концертот на хрватската музичка дива е со почеток од 20 часот.
Ватерполистите пак, ќе учествуваат на третиот меѓународен мастерс турнир во ватерполо кој се одржува денес и утре во базенот „Борис Трајковски“.
Вики Клинчарова