Јошевска за „Фокус“: Русковска пропушти златна шанса да биде апсолутен победник

by fokus

Вилма Русковска пропушти златна шанса да биде апсолутен победник, коментира во интервју за неделникот „Фокус“, адвокатката Сузана Јошевска-Анастасовска за повикот на Русковска до странските амбасади во кое споменуваше дека имало обид за влијание врз обвинителството.

ФОКУС: Очигледно беше дека во последните година и пол, особено во времето пред „бегството“ на Мијалков, Русковска има проблеми со претставници на естаблишментот. Во своето претполноќно писмо, обвинителката споменува дека има обид да се влијае врз обвинителството додека има предистраги против актуелни и поранешни функционери. Дали тука може да се видат мотивите на тоа што се случуваше?

ЈОШЕВСКА-АНАСТАСОВСКА: Верувам дека има обиди за влијание, како што верувам дека буквално во секој предмет што го води ова обвинителство постојат обиди за влијание. Сепак, гони организиран криминал и корупција, па обидите за влијание треба да одат заедно со описот на работните задачи. Разликата е само од каде тие доаѓаат. Не се проблем обидите за влијание сѐ додека останат на тоа – на обиди.

Обвинителката токму тогаш има шанса да покаже дека секој може да проба, но никој нема да успее да ја поколеба неа и кој било обвинител во тоа обвинителство и сигурна сум дека во таков случај ќе биде поддржана од јавноста. Но, со јавното ноќно обраќање на странци за помош заради обиди за влијание се покажува немоќ и неспособност да се справи со предизвикот. Тоа е импулсивна и суетна реакција, нема допирна точка со реалноста во која работите се решаваат со организација и план, нејавно и паметно.

ФОКУС: Сите посочени во нејзиното писмо одговорија со флоскула „надлежните да постапат“. Како на тоа гледате бидејќи при обид на надлежно обвинителство да истражува, се случија толку многу проблеми, а пропустите и претставките почнаа пред и да има каква било информација за тоа што е откриено со претресите?

ЈОШЕВСКА-АНАСТАСОВСКА: Нормално дека ќе одговорат со „надлежните да постапат“, не знам кои други очекувања може да се имаат при јавен прозив на сериозни институции. Затоа напоменав, отсуството на интелигентно менаџирање и прагматично справување со предизвикот создаде многу лоша основа за продолжување на овој предмет. Вилма Русковска пропушти златна шанса да биде апсолутен победник, ама и тоа има своја логика во историјата на преплетени релации, желби, кариери и амбиции на сите инволвирани.

Разговараше
Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ

ЦЕЛИОТ ТЕКСТ МОЖЕ ДА ГО ПРОЧИТАТЕ ВО НАЈНОВИОТ БРОЈ ОД НЕДЕЛНИКОТ “ФОКУС” КОЈ ШТО МОЖЕТЕ ДА ГО КУПИТЕ И ВО ЕЛЕКТРОНСКА ФОРМА НА ОВОЈ ЛИНК

 

Поврзани новости