Јорданов, гитаристот на „Морал“ за Влатко: Беше млад за депресија и млад за да замине!

by fokus

Рок бендот ,,Морал’’ секогаш беше дел од животот на Влатко Илиевски. Тој и стана познат на јавноста како вокалист на бендот уште во 2000 година, а потоа во 2007 година започна да ја гради својата соло кариера. Сепак, не криеше дека со бендот има некоја посебна поврзаност, дури и кога настапуваше самостојно, а нивниот последен заеднички албум, каде Илиевски повторно беше вокалист се објави кон крајот на 2017 година.

На долго очекуваниот албум од ,,Морал’’ насловен ,,Кофеин блуз’’ гитара свири Ивица Јорданов, фронтменот на бендот Славчо Стојановски – бас, Сашо Ангелов – тапани и Влатко Илиевски – вокал.
Гости на албумот беа Тамара Тодевска, Игор Џамбазов и Слаткар, а на некои од песните специјални гости се старите членови на бендот, Венко Серафимов, Димитар Божиков и Љубо Жишка.

Околу тоа каков удар за нив претставува прераната смрт на Влатко, поразговаравме со гитаристот Ивица Јорданов.

-Веста ја добив утрово од Славчо Стојанов… Беше тоа шок за мене… Кој би очекувал вакво нешто од човек што беше полн со живот, енергија, волја за работа… Едноставно останав без зборови.
Влатко беше прекрасен дечко, многу харизматичен човек. Прв пат го запознав како средношколец, тогаш запеа во ,,Морал’’ на препорака на Славчо. Донесе енергија и некоја харизма што ја пренесе и на нас.
Имавме многу свирки, настапи, снимања, секогаш беше топ, на висина на задачите. Многу уникатен рок пејач, знаеше да повлече на бина и да не мотивира сите. Ќе ми фалат неговите шеги, имаше добра смисла за хумор. Често се смеев со солзи. Направи соло кариера што многу пејачи посакуваат да ја имаат.
И, да не се заборави, потенцирам, ТОЈ прв ја наполни Арена Борис Трајковски со 9,10 илјади луѓе. Ќе ми фали многу, секогаш насмеан, фин и спремен – се присетува долгогодишниот колега и пријател на Илиевски, гитаристот Јорданов.

Тој вели дека од заедничките настапи имале многу убави спомени, но и анегдоти, а Влатко често знаел да направи некоја шега, на која не можеле да останат рамнодушни. Дури и по неколку години кога ги прераскажувале шегите, се смееле до солзи.

– Еднаш свиревме на Кале, моторџиски собир… Тој студираше глума, и тие денови на факултет вежбале паѓање, слободен пад. Мене ми кажа, Ивица, кога ќе завршиме со последната песна ќе паднам на бина да знаеш, ќе изгледа дека сум се онесвестил. Ми рече, немој да кажуваш. На крај од песната кога падна, ама така тресна со раце, со нозе ( извежбан ), толку гласно, сите се стаписаа, а тој лежи, не мрда! Истрчаа да видат што му е… Тој стана, се изнасмеаа…
И ден денес кога ќе ми текне на случката се смеам. Ќе фали Влатче, мнооогу ќе фали – раскажува Јорданов.

Околу тоа, дали тој знаел дека Влатко го мачи нешто, дали се жалел, или пак бил депресивен, Ивица вели дека никогаш не се посомневал во нешто такво.

-Не, Влатко секогаш беше ОК. Тој беше млад за депресија, и млад за да замине. Ама, за тоа не одлучуваме ние, тоа е животот. Еден голем рингишпил, се возиме и никогаш не знаеме во кој момент ќе заврши возењето – изјави Јорданов.

Вики Клинчарова

Поврзани новости