По вчерашниот протест на музичарите, на кои им се приклучија и сопственици на ноќни клубови и угостители, а на кој побараа да им биде дозволено да работат според протоколи, организаторот на протестот, Даниел Сидровски утре ќе се сретне со премиерот Зоран Заев, и ќе дискутираат за надминување на проблемот.
Забраната за настапи на музичарите, целата фела ја дочека на ,,нож” со бурни реакции и обвинувања дека семејствата им гладуваат. И додека познати и анонимни музичари секојдневно ги објавуваат своите реакции околу случувањата, популарниот фолк пејач Јордан Митев, кој важи за еден од најбараните во дијаспората, за целото време не се огласи ниту еднаш.
На прашањето на ,,Фокус” кој е неговиот став, кога е забраната за настапи во прашање, но и што понатаму, доколку оваа состојба се продолжи и во наредниот период, тој ги споделува своите гледишта околу настаните, и не крие дека доколку нема друг излез во блиска иднина, без проблем би се занимавал со друга професија, додека да се надмине кризата со вирусот.
-Се изнакажаа многу нешта на темава… Ако нешто треба да ни биде како утеха, тоа е што оваа ситуација не е само кај нас, туку е иста за милиони луѓе ширум светот. Многу фамилии, индустрии, паднаа на колена, многу ќе банкротираат, многу луѓе веќе се останати без работа. Тоа е една реалност која мора да ја прифатиме. Не би сакал да влегувам во детали во поглед на мојата професија, бидејќи најчесто моите ставови им сметаат на одредени исфрустрирани ликови – вели Митев.
Тој додава дека факт е како музичката индустрија не само кај нас, туку ширум светот трпи големи загуби. Не само кај нас, туку во сите земји се откажани многу познати фестивали и големи концерти.
-Сметам дека додека ова заврши, треба да истраеме. Иако летово се обидоа со организирање на некои настани со познати балкански ѕвезди, сепак тие кои сме подобро информирани, знаеме дека тие нивни настапи поминаа на сила, со некоја симболична посетеност. Што значи тоа? Тоа значи дека народот е исплашен и моментално нема расположение за не знам какви ли не журки и забави. Расположението на одредена мала група на луѓе не може да се земе како општо расположение – појаснува музичарот.
Додава дека се надева како протестот ќе помогне за да наши музичари кои настапуваат во помали објекти, ќе можат да продолжат со настапи според строго утврдени протоколи, но себе не се гледа таму.
-За мене лично, додека не се пуштат настани со присуство на повеќе луѓе, свадби, турнеји, ќе морам да стагнирам со работата. Ако сум принуден, ќе барам и друго чаре во животот. Животот е борба за секој од нас. Значи, додека се нормализира состојбата, би работел нешто друго кое не е поврзано со музика, бидејќи не е здраво човек така да си го губи времето.
Јас сум од земјоделска фамилија и знам како е да се работи и нешто друго. Верувам во себе, бидејќи доколку од ништо направив успешна музичка кариера, ќе можам и во други води успешно да пливам! Ако не знам, ќе научам! – вели Митев, порачувајќи им на своите колеги кои тврдат дека освен од музика, не можат да заработуваат од друга професија, колку порано се соочат со вистината, толку повеќе време ќе им остане да преземат нешто околу егзистенцијата.
Кога станува збор пак, за државната помош во износ од 14.500 денари, која за два месеци им беше доделена на околу 60 музичари, Јордан воопшто не аплицирал за истата. Начинот на кој беа распределени средствата се уште е актуелен помеѓу естрадните уметници, кои реагираат дека помошта завршила и кај музичари кои не се загрозени, додека пак најранливите не добиле ништо.
Листата со имињата на оние кои биле помогнати од државата се споделуваше на социјалните мрежи, а за истата Митев само кратко коментира – Сметам дека некои луѓе кои се на таа листа треба да се срамат!
Вики Клинчарова