Јон Ајдини (27), момчето кое настапува под уметничкото име Јон Ајди е еден од шесте кандидати кој е во игра да ја претставува Македонија на Евровизија 2022 во Италија.
Нумерата со која тој конкурира е насловена ,,Dreams” и музиката и текстот се негови, додека аранжманот е на Ангел Ќосев.
Во 2019 година го издал првиот сингл ,,Gentle” кој се искачил на 12-то место на топ листите во Албанија, а ,,Back around” во 2020 година беше забележан од македонската публика и се врти по нашите радио станици.
Иако во Македонија е релативно ново име на музичката сцена, во неговото претставување од страна на МРТ е наведено дека неговите песни се доста популарни и редовно се пуштаат на радио станици во Британија, Швајцарија, Германија, Грција, Хрватска и САД.
Има снимено осум песни, а во коментарите под видеата може да се прочитаат зборови со поддршка за младиот музичар, па дури и прашања дали навистина момчето доаѓа од Македонија, бидејќи песните му се специфични и пее на англиски јазик, па многумина помислиле дека се работи за странски пејач.
Гласањето за Националниот избор за песна и претставник што ќе ја претставуваат Македонија на Евровизија 2022 е во тек и ќе трае до 4-ти февруари. Може да се гласа на следниот линк https://evrovizija.mrt.com.mk/, а од секој уред овозможено е да се гласа само еднаш.
Вики Клинчарова