Поранешниот претседател на Советот на јавни обвинители, а сега член, Антонио Јолевски писмено да и се извини на обвинителката Ленче Ристоска за извршената и утврдена дискриминација во форма на вознемирувачки говор кон неа, во рок од 30 дена од приемот на мислењето на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и за тоа писмено да ја извести Комисијата.
Ова е препораката на Комисијата која утврди дека обвинителката била дискриминирана при изборот на обвинители во Вишото обвинителство во Скопје. Доколку не постапи по препораката Комисијата ќе покрене прекршочна постапка против него.
Одлуката на Комисијата ја соопшти самата обвинителка.
–Комисијата за спречување и заштита од дискриминација ја уважи мојата претставка и утврди директна продолжена дискриминација како потежок вид на дискриминација по основ на лично својство и општествен статус извршена од страна на Советот на јавни обвинители.
Во време кога е модерно да се декларират заложби за етичко лидерство во институциите и култура на професионален и личен интегритет, како и родова и секој друг вид на рамноправност, декларативноста треба да се замени со практична и јавна подршка на поединците што ги поседуваат овие квалитети и ги водат овие битки.
Воведувањето на мерит систем, наспроти практикување на дискрециони областувања, ќе влијае на зголемување квалитетот на работата и консеквентно на довербата во јавнообвинителскиот систем, бидејќи е едно од најсилните оружја против корупција, клиентелизам и дискриминација, објави Ристоска.
Јолевски во образложението за неизборот на Ристоска, која по втор пат конкурираше за во ова Обвинителство, го спомена и нејзиното породилно отсуство.
-Кај Ленче имаме недостаток на работа по предмети во овој период, зборуваме за различни предмети со кои би се сретнала и во Вишото обвинителство. Немаме извештај за неа за последните четирите години, таа еден период е и на трудничко отсуство. Во Вишото обвинителство се бара работа по сите видови на предмети, не само на одредена категорија во одредена област. Сепак, Специјалното обвинителство не работеше кривични дела убиства, не работеше со дрога, еден куп предмети кои ги работат во Основното обвинителство, а ќе треба да одлучува и за тие предмети. Тие беа специјализирани за најтешките дела, ама најтешките дела од областа на злоупотреба, рече Јолевски.
Инаку Ристоска јавно ја критикуваше работата на Советот и се најде на тапет на оваа инистуција која бараше Ристоска да одогвара за јавно искажаните ставови.
-Јасно е дека Советот на јавни обвинители е извор на тргuвање со влијание, и сметам дека треба да се реформира. Владее клиентелистички однос за такви што лобираат за нивниот избор и не може да одговори на предизвиците со корупцијата и високиот криминал, рече обвинителката, рече Ристоска на една панел дискусија.
Ф.Ф.С.