Јолевски не кажува дали ќе ѝ се извини на Ристоска, поднел тужба до Управен суд

by Fokus

Поранешниот претседател на Советот на јавни обвинители, Антонио Јолевски поднел тужба до Управниот суд за мислењето што го донесе Комисијата за спречување и заштита од дискриминација според кое, Јолевски во рок од 30 дена од приемот на мислењето треба да ѝ се извини на обвинителката Ленче Ристоска за извршена и утврдена дискриминација.

Јолевски во изјава за „Фокус“ вели дека дали писмено ќе се извини или не, не може сега да каже бидејќи се уште му тече рокот за писмено извинување.

Но, потенцира дека веќе поднел тужба на одлуката на Комисијата бидејќи смета дека не е утврдена фактичката состојба и дека одлуката е селективна.

-Не знам зошто обвинителката наместо да дојде во Совето на јавни обвинители, да влезе и да се разбереме одбра преку Комисии и медиуми ја тера оваа работа. Ова е наше заедничко тело, вели Јолевски за „Фокус“.

Советот денеска расправал за одлуката на Комисијата и се согласил дека одлуката не е реална, но одлучил да не поднесе тужба.

Според Јолевски тој има право на тужба до Управниот суд иако во препораката на Комисијата се вели дека доколку не се извини писмено, Комисијата ќе покрене прекршочна постапка против него.

Обвинителката Ристоска поднесе претставка до Комисијата за дискриминација по изјавата на Јолевски дека не била избрана за обвинител во Виштото јавно обвинителство бидејќи користела породилно отсуство.

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврди вознемирување како вид на дискриминација по основ на бременост, раѓање и родителство извршена од страна на поранешниот претседател на Советот, Јолевски во форма на јавна изјава дадена за медиуми во областа работни односи во правосудството.

-Од изјавата несомнено произлегува фактот дека кога се одлучувало за мој избор, дел од членовите на Советот се раководеле и со околноста што користам породилно отсуство што во овој случај е околност поради која немам еднаков третман со останатите кандидати и сум ставена во подредена положба. Таа смета дека ваквото постапување со кое нејзиното унапредување се оневозможува меѓу другото и поради користење на породилно отсуство сугерира на една форма на родово базирана дискриминација и повреда на нејзините работнички права. Во конкретниот случај јас имам нееднаков третман поради статусот мајка и се бара од мене да избирам помеѓу сопствената реализација како жена професионалец и персонална реализација како родител, навела Ристоска во претставката.

Таа упатува на фактот дека не беше избрана за виша обвинителка и во 2021 година кога како обрзложение за нејзиниот неизбор навеле дека е добар обвинител, но е млада за во Вишото обвинителство.

-Имајќи предвид дека дури во два наврати една од највисоките институции во областа на правораздавањето дава дискриминаторска изјава, и тоа во првата по основ на возраст, а втората по основ на род, пол и семејна положба, сметам дека неопходно е да постои институционална реакција со цел да се превенираат вакви состојби во иднина, посочила Ристоска. Таа ја цитира изјавата на Јолевски.

-Кај Ленче имаме недостаток на работа по различни предмети во овој период. Зборуваме за различни предмети со кои би се сретнала во Вишото јавно обвинителство. Немаме извештај за неа за последните четири години, таа еден период е и на трудничко отсуство. Во Вишото обвинителство се бара работа по сите видови предмети, не само на одредена категорија во одредена област, сепак, СЈО не работеше кривични дела убиства, не работеше со дрога еден куп предмети кои ги работат во основното обвинителство, а ќе треба да одлучува и за тие предмети. не ја елиминиравме…таа во моментов е и на породилно и да изберевме, пак ке биде на породилно, изјавил Јолевски.

Тој во дел од својот одговор до Комисијата кажал дека изјавата била дадена во смисла дека во Вишото обвинителство биле заглавени со многу предмети и со овој избор интенцијата била двајца нови виши обвинители веднаш да почнат да работат.

На прашањето до претседателот колку поранешни обвинители на СЈО досега се избрани од Советот за виши со потреба за искуство при убиства, дрога, тој рекол дека не знае, но мисли дека се тројца. Од поранешните специјални обвинители, в Вишото обвинителство беа унапредени, обвинителите Бурим Рустеми, Артан Ајро и Фатиме Фетаи која е помлада од обвинителката Ристоска.

Советот во одговорот уште и констатирал дека претставката за заштита од дискриминација е тенденциозна со цел да се изврши притисок врз Советот за остварување на свои цели – унапредување во повисоко обвининтелство.

Ристоска се најде на тапет на Советот кој бараше да одговара за јавно искажаните ставови, откако јавно посочи дека Советот е извор на тргување со влијание.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости