Јолевски кој ја дискриминираше Ристоска оти била на трудничко, сега сака да напредува без оценување

by Fokus

Поранешниот претседател, а сега член на Советот на јавни обвинители, Антонио Јолевски сака да стане обвинител во Вишото обвинителство Битола, но без оценување, иако беше најгласен дека обвинителката Ленче Ристоска не може да напредува во Вишото обвинителство бидејќи била на трудничко отсуство, но и затоа што немале извештај за неа за последните четири години, иако застапуваше предмети од поранешното Специјално обвинителство кои потоа ги презеде редовното обвинителство и беше обвинител за врска во „Европравда“.

Тој кај Ристоска виде недостаток на работа по различни предмети, не напредувала во работата, но сега бара тој да биде унапреден од основното во Вишото обвинителство Битола и за него ќе важат одредби од Законот за јавно обвинителство и Деловникот за работа на Советот на јавни обвинители, според кои, тој автоматски ќе биде позитивно оценет, иако во годините додека бил член на Советот на јавни обвинители не работел на судски предмети.

Јолевски за „Фокус“ потврди дека се пријавил за конкурсот, вели нема да биде оценуван, но дека имало извештај за неговата работа како член на Советот на јавни обвинители.

Претседателката на Советот, Душица Димитровска за „Фокус“ ги цитираше членовите од Законот и Деловникот кои предвидуваат дека Јолевски ќе биде автоматски позитивно оценет.

За него ќе важи член 36 став два кој предвидува: „Доколку јавниот обвинител бил отсутен повеќе од 2/3 од времето за кое треба да биде оценет, нема да се оценува за тој период. Периодот на оценување започнува да тече од почеток по враќањето на работа на јавниот обвинител“.

Од Деловникот за работа на Советот на јавни обвинители ќе му се даде уште една предности ќе биде позитивно оценет.

„Мандатот на членовите на Советот избрани од страна на јавните обвинители влегува во позитивно оценет јавнообвинителски стаж освен во случаи предвидени во чл 35-а,од Законот за советот на јавните обвинители“. Со оглед на тоа што тој не бил разрешен или против него немало дисциплинска постапка, ако добие мнозинство Јолевски сигурно ќе напредува.

Ако за Јолевски важат овие услови за избор на сите други обвинители сето ова е регулирано во Законот за јавно обвинителство, во главата „именување и избор на јавни обвинители“.

На пример „за јавен обвинител во вишо јавно обвинителство може да биде избрано лице кое има непрекинат работен стаж како јавен обвинител од најмалку шест години до моментот на
пријавување за именување и кој е оценет со позитивна оценка во последните четири години“.

Овој Закон предвидува дека обвинителите на кои им мирувал работниот однос како јавни обвинители, би требало прво да се вратат на работа и да работат шест месеци за да може да се оценат, па да конкурираат.

Иако со Деловникот се уредува начин на работа на некое тело, а не права и обврски, сепак членовите си донеле Деловник со којшто си доделиле право кое со Законот за јавно обвинителство не е предвидено, па нивниот стаж како членови во Советот да биде плус за нив, односно да бидат позитивно оценети со самото тоа што биле членови во ова тело.

Деловникот е донесен според Закон за Совет на јавни обвинители, а тие додале одредби со кои регулираат правила во Законот за јавно обвинителство, па нејасно е по кој закон се водат.

Инаку, Комисијата за заштита и спречување на дискриминација утврди дека Јолевски ја дискриминирал обвинителката Ристоска и не ја унапреди оти била на породилно отсуство. Тој не и се извини и ја тужеше пред Управниот суд.

Но и таму беше потврдена одлуката на Комисијата, односно дека Ристоска била дискриминирана. Ристоска два пати конкурираше, но не беше унапредена во Вишо Обвинителство, првиот пат оти била млада, а потоа оти била на породилно.

И двете одлуки беа донесени по остри критики на обвинителката за работата на Советот за јавни обвинители.

Фросина Факова-Серафиновиќ

 

 

Поврзани новости