Јолевски: И обвинители со дисциплинска постапка може да се кандидираат за избор

by fokus

Водењето на дисциплинска и кривична постапка не значи дека обвинителите не можат да се кандидираат за избор. За секој обвинител може да биде поднесена пријава и самото тоа не значи дека е елиминиран од постапката. Напротив, секој обвинител кој ги исполнува условите, има право да се пријави на огласот, изјави претседателот на Советот на Јавни обвинители, Антонио Јолевски.

Одговарајќи на новинарски прашања по тркалезната маса „Превенција и следење на корупцијата во судството“, тој посочи дека во условите стои дека треба да има шест години непрекинат стаж како јавен обвинител и за последните три години да е оценет со позитивна оцена.

– Во вторник ќе имаме седница на Советот и на таа седница ќе ги отвориме сите огласи, за сите шефови на кои им истекува мандатот меѓу кои и на Основното Јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Ќе биде избран основниот обвинител првпат после толку време, сега со новиот Закон на ЈО, непосредно, сите јавни обвинители, а огласот ќе биде објавен во Службен весник. Рокот е 15 дена од денот на објавување во две гласила, едното на македонски и едното на јазикот што го зборуваат 25 отсто од населението, појасни претседателот Јолевски.

Како што рече, огласот би требало да биде објавен во среда во Службен весник.

Поврзани новости