Јоксимовиќ: Северна Македонија и Албанија се неправедно запрени, тоа е неприфатливо за целиот регион

by fokus

Српската министерка за евроинтеграции Јадранка Јоксимовиќ оцени дека Северна Македонија и Албанија се неправедно запрени на патот кон ЕУ и дека тоа е неприфатливо за целиот регион, како и дека и Србија ќе трпи бидејќи новата методологија на Унијата не е обликувана.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, Јоксимовиќ говорејќи денеска на пленарната седница на Националниот конвент за ЕУ изјави дека Србија не е „пачја школа“ во процесот на европска интеграција и дека не само што не е подалеку од ЕУ, туку е „суштински поблиску“.

Според неа, Србија оваа година покажала ефикасност, економска сила, грижа за своите граѓани и солидарност со сите во регионот и членките на ЕУ.

– Ние на никаков начин не го нарушивме владеењето на правото во Србија, истакна Јоксимовиќ, додавајќи дека можеби имало доцнење во реформите и дека можело да се стори повеќе, но дека Србија е посветена на патот на евроинтеграциите и дека оваа Влада и српскиот претседател Александар Вучиќ од 2014 година, имаат направено повеќе за европскиот процес од сите во претходните 15 години.

Српската министерка за евроинтеграции посочи дека ЕУ треба да објасни како новата методологија ќе се примени на Србија и го повика граѓанскиот сектор и Националниот конвент да почнат да зборуваат за кластери, а не за поглавја.

– Дали се отворени едно или две поглавја е застарена тема. Очекувам Националниот конвент да се реорганизира во вистинско време и да побара од нејзините членови да се качат на новиот колосек, изјави Јоксимовиќ.

Поврзани новости