„Добри вести! Советот на ЕУ и Европската комисија засега нема да отворат нови поглавја за преговори со Србија“, напиша на Твитер известувач на ЕП за Косово Виола Фон Крамон додавајќи како објаснување дека она што го опиша како „влошување на состојбата на демократијата, напади врз медиумите, насилство против мирните протести и проблематичните избори“ не се патот кон евроинтеграциите.
На оваа вест, како што јави дописникот на МИА од Белград, денес имаше повеќе реакции, а се огласи и министерката за евроинтеграции Јадранка Јоксимовиќ, кој оцени дека европарламентарката Виола фон Крамон е отворено политички инспирирана против Владата на Србија и дека нејзиниот твит „навистина не оди подалеку од политичката пристрасност што стана толку воспоставена меѓу одредени пратеници на одредени политички групи во ЕП“.
– За почеток, нека бидат информирани и прочитајте ја содржината на новата методологија, за која премиерката (Ана Брнабиќ) и јас разговаравме вчера со претседателката на ЕК (Урсула фон дер Лајен), истакна Јоксимовиќ.
Таа нагласи дека треба да биде обликувана што е можно поскоро примената на новата методологија за пристапниот процес на Србија, со што се доцни, бидејќи земјите-членки и ЕК не можат да се усогласат за преговарачките рамки за Северна Македонија и Албанија, за кои иницијално е создадена новата методологија.
– Поглавјата воопшто повеќе не се основен инструмент на процесот, туку постигнување на критериуми за отворање цели кластери на сродни поглавја, со силен политички надзор над процесот. Можеби за отворање на кластери повеќе нема да биде важно отворањето на одделни поглавја, туку посебен критериум за отворање, или на пр. „track record“во сите поглавја од кластерот, откако ќе се формира примената на новата методологија за земјите во пристапниот процеc, наведе таа.
Јоксимовиќ додаде дека е важно до крајот на годината да се одржи посебна политичка Меѓувладина конференција за Србија, што е задолжително според принципите на новата методологија по објавувањето на Заклучоците за проширување.
– Затоа, очекувам и им реков на сите партнери во ЕУ дека би било добро до крајот на германското претседателство да се примени тој дел од методологијата што може да се примени во оваа фаза, а тоа е да се одржи политичка Меѓувладина конференција каде на стратешки политички дијалогот ќе се дискутира за пристапниот процес на Србија, напредокот во областите дефинирани од 6-те кластери, би се презентирале најновите позитивни движења на новата српска влада во областа на владеењето на правото и очекувањата и плановите за пристапниот процес следната година, изјави Јоксимовиќ.