Вонреден надзор над работата на Основното јавно обвинителство Струга, Вишото јавно обвинителство Битола и на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во сите заведени предмети против Рамиз Мерко, градоначалник на Општина Струга, како и во предметите поврзани со работата на Општина Струга во периодот кога тој ја вршел функцијата градоначалник изврши комисија на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.
Од Обвинителството соопштија дека во текот на работата, Комисијата имаше увид во вкупно 30-тина заведени предмети од кои најстарите завршени постапки датираат од 2006 година, при што и во еден дел од веќе решените предмети Комисијата испрати укажувања до јавните обвинители во однос на нивното постапување.
„Основното јавно обвинителство Струга води четири предмети против наведеното лице оформени од почетокот на годинава, а постапува и во 2 предмети во предистрага од 2021 година кои се однесуваат на конкретни проекти на Општина Струга. За други четири предмети во работа два од 2019 и два од 2022, јавните обвинители кои преземале дејствија добија укажувања и насоки со цел дополнително да се динамизира постапувањето“, соопто ОЈО.
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција има во работа вкупно 5 предмети два во РО и три во КО уписник, соопти Обвинителството
„Меѓу нив е и предметот со спорната набавка на службени автомобили во Општина Струга, кон кој е приклучена и иницијативата на Државната комисија за спречување на корупција и извештај на Државниот завод за ревизија, и во кој е донесена Резолуција за еден дел од наводите, меѓутоа останатиот дел се уште е предмет на проверки. На надлежниот јавен обвинител му се дадени насоки за натамошно постапување во овој предмет“, информираат од ОЈО.
Вишото јавно обвинителство Битола доби насока во следниот период да врши зачестени контроли и да го следи постапувањето во сите предмети против избрани и именувани лица во основните јавни обвинителства во своја надлежност.
„За време на извршениот надзор, членовите на Комисијата извршија и директни разговори со јавните обвинители од кои побараа да се произнесат дали чувствувале какви било притисоци во постапувањето и дали се соочуваат со проблеми при водењето на постапките. Членовите на Комисијата апелираа до надлежните јавни обвинители за поголема ажурност и ги охрабрија да го пријавуваат секој обид да се компромитираат постапките што се водат во јавните обвинителства“, соопшти ОЈО.
Јавното обвинителство ја уверува јавноста дека во сите активни предмети против Мерко ќе бидат преземени неопходните дејствија и ќе бидат испитани сите околности.
„Евентуално утврдените кривични дела нема да останат без соодветен кривичен прогон“, соопшти ОЈО.
Јавниот обвинител на Република Северна Македонија донесе повеќе дополнителни мерки со цел јакнење на отпорноста на јавнообвинителскиот систем и ажурноста на јавнообвинителското постапување: ажурирање и постапување по сите предмети, задолжителна контрола на постапувањето по предметите против избрани и именувани лица
„ Јавниот обвинител на Република Северна Македонија ќе иницира средба со Министерството за внатрешни работи, Финансиската полиција, Државниот завод за ревизија, Државната комисија за спречување на корупцијата и други надлежни органи и институции, за активирање на национален фронт за борба против корупцијата.Ќе се иницира средба со Здружението на јавните обвинители за да се разгледа можноста да се воспостави канал за пријавување на обиди за притисоци и влијанија врз јавни обвинители“, соопшти ОЈО.
Обвинителството очекува поддршката од јавноста, но и од меѓународните институции и организации кои ја следат нивната работа.
„Толеранција на какви било облици на криминал нема и нема да има“, соопшти ОЈО.
Вонредниот надзор на предметите кои се водат за струшкиот градоначалник Мерко, е откако тој беше ставен на „црната листа“ на САД, на која се и поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот шеф на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, како и Љубе Бошковски, Мендух Тачи, Џеват Адеми, Кастриот Хаџиреџа, Невзат Халили, Гафур Адили, Нури Беџети, Џавит Хасани, Џезаир Шаќири, Даут Реџепи и Џемаил Хисени.