Јавниот обвинител на Република Северна Македонија донесе Одлука за формирање привремена Комисија за следење на евентуални нерегуларности поврзани со извршување на кривични дела од Глава шеснаесет „Кривични дела против изборите и гласањето“ од Кривичниот законик и други кривични дела кои би биле сторени при организирањето и спроведувањето на изборите, соопшти денеска Јавното обвинителство.
– Настаните поврзани со претстојните предвремени парламентарни избори, закажани за 15 јули 2020 година, се од општ интерес на јавноста, па оттука, е формирана комисија која проактивно ќе ги следи настаните, во насока на заштита од криминални или други противзаконски дејствија и превентивно делување, се додава во соопштението.
За претседател на Комисијата е определен Џељаљ Бајрами, јавен обвинител во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, а членови на Комисијата се јавни обвинители од вишите јавни обвинителства и Основното јавно обвинителство Скопје.
Како што се наведува во соопштението, Комисијата на дневна основа ќе ги следи сите настани од државата поврзани со процесот на организирање и спроведување на изборите.