ЈО да не чека, веднаш да постапи по Извештајот на ДЗР и да истражи каде завршиле над 200 илјади евра од Детска клиника, велат од ВМРО-ДПМНЕ

by Fokus

СДС и ДУИ на власт, институциите и државните ресурси ги гледаа само како место од каде ќе испумпаат државни пари во нивни приватни џебови. Недомаќинското работење со институциите на системот од страна на СДС и ДУИ секојдневно излегува на површина, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

„Тоа го потврдуваат и релевантните институции, како Државниот завод за ревизија. Таков е и примерот со Извештајот за работата на Клиниката за детски болести за 2022 година.

Во него може да се види дека вредноста на материјалните средства, од материјалната евиденција на Клиниката е за 13.9 милиони денари помала од вредноста искажана во сметководствената евиденција, а на крајот на годината била помал за 12 милиони денари.

Се поставува прашањето, зошто се јавува толкава разлика во материјалната евиденција во споредба со сметководствената?“ наведуваат од владејачката партија.

Ова, како што велат, отвора сомнежи и индиции за сторен криминал во вредност од над 200 илјади евра.

„Дали над 200 илјади евра, место за инвестиции во клиниката и третман на нај чувствителната категорија граѓани, децата, завршиле во приватни џебови?

Ова е состојба само во една здравствена установа и тоа само за една календарска година, а кој знае што правеле СДС и ДУИ во останатите установи во текот на нивното седум годишно владеење. За ваквото недомаќинско и криминално управување со државните институции мора да има одговорност“ порачаа од партијата.

Го повикуваат Јавното обвинителство да не чека, веднаш да постапи по наводите во Извештајот на ДЗР и да испита каде завршиле над 200 илјади евра од детска клиника.

Поврзани новости