Основното јавно обвинителство-Битола поведе постапка против четири лица од Ресен за измама. Како што соопштија од таму, јавниот обвинител утврди дека во периодот од крајот на јануари 2020 година до крајот на февруари 2020 година четворицата осомничени – прокурист, управител и двајца надворешни соработници во правното лице „ЏИМ БИМ 2019“, со намера за себе да прибават противправна имотна корист, довеле во заблуда и оштетиле три правни лица од Руската Федерација, Република Унгарија и од Босна и Херцеговина.
„Осомничените преку Фејсбук профил „TopFruit Fruit“ објавиле дека продаваат јаболка по што стапиле во контакт со секој од оштетените. На претставник на оштетеното правно лице ”Fruit Country KFT” од Република Унгарија му прикажале дека можат да му продадат јаболка во поголема вредност од 7.095,00 евра (во денарска противвредност 433.944,00 денари) кој оштетеното правно лице требало да ги уплати на сметка на правното лице „ЏИМ БИМ 2019“ ДООЕЛ Ресен. Осомничените доставиле профактура и кажале дека јаболката со камион ќе тргнат следниот ден за Унгарија, со што на 04.02.2020 година го навеле правното лице од Унгарија, на штета на својот имот, да им го исплати наведениот износ во поголема вредност од 433.944,00 денари. Истата постапка ја повториле и со сосопственик на оштетеното правно лице „Нерко Промет“ ДОО Хан Плоча, Општина Кисељак, БИХ. Осомничените прикажале дека можат да продадат јаболка и дека за еден камион од 21 тон треба да се уплати износ од 3.570,00 евра на сметка на правното лице „ЏИМ БИМ 2019“ ДООЕЛ Ресен. Потоа на 11.02.2020 година преку електронска пошта доставиле профактура. Оштетениот бил наведен да ангажира и транспортна фирма за превоз на јаболката. Со овие дејствија осомничените го навеле оштетениот на штета на своето правно лице да исплати износ во поголема вредност од 219.555,00 денари. На претставникот на оштетеното правно лице ООО „ПИМЕНТА“ Москва од Руската Федерација, осомничените му прикажале дека можат да му продадат 2 контејнери јаболка во количина од 44 тони од сортата „ајдаред“ по цена од 370 американски долари за тон, 1 контејнер јаболка во количина од 22 тони од сортата „гренисмит“ по цена од 400 американски долари за тон и 7 контејнери јаболка од сортата „црвен делишес“ во количина од 154 тони по цена од 480 американски долари за тон во кои цени бил вклучен превоз до Солун, Р. Грција, и дека правното лице треба да уплати 50% од вкупната вредност односно 49.170,00 долари на сметка на правното лице „ЏИМ БИМ 2019“ ДООЕЛ Ресен“, соопштија од обвинителството.
Од таму додаваат дека обвинетите по пристигнување на парите од оштетените правни лица ги префрлале на своите трансакциски сметки и подигнале износ од 100.000,00 денари како материјални трошоци, иако за таквите трансакции немало никаков правен основ. Со тоа, според ЈО, ја испразниле сметката на правното лице, а на оштетените правни лица не ги испорачале јаболката, ниту ги вратиле парите.