Маричиќ: Регионалната соработка побрзо ќе ги спушти бариерите кон ЕУ

by Fokus

Регионалната соработка е многу важна, заедно со прогресот и стабилноста и ЕУ од Западен Балкан очекува поврзување и заедничко дејствување во надминувањето на бариерите, рече вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, денес во Вашингтон на конференција на тема: „Западен Балкан: Трансатлантска и регионална соработка – градење силни сојузи“, на покана на Трансатлантската лидерска мрежа.

„Нашата цел е ЕУ, но регионалната соработка е таа која побрзо ќе спушти бариерите и ќе ги претвори во можности. Прогрес, соработка и стабилност очекува од нас ЕУ. Сите разлики што ги имаме меѓу себе мораме да ги решиме онака како што ЕУ ги решава, во рамки на регионална соработка и дијалог“, рече Маричиќ.

Тој додаде дека соработката, поврзувањето и дијалогот нè прави кредибилен партнер на ЕУ и дека треба да биде научена лекцијата од досегашното чекање пред вратите во ЕУ, дека успехот на една држава е успех на сите во регионот и секој неуспех е неуспех на целиот регион.

Маричиќ за Берлински процес и Отворен Балкан рече дека и двете иницијативи одат во иста насока и ги даваат посакуваните резултати, правејќи го бизнисот и секојдневното функционирање на граѓаните полесно. Во економска смисла според Маричиќ нема сомнеж дека многу брзо и лесно можеме да бидеме интегрирани во ЕУ, па како што рече тој, не е случајна и иницијативата за предвремено интегрирање во европската економска заедница.

„Со новиот план за забрзана интеграција на Западен Балкан имаме подадена рака од ЕУ да ги зајакнеме меѓусебните односи и можност да бараме јасен план за членство, не подоцна од 2030 година. Затоа сите инструменти кои ни се нудат треба да ги искористиме за целосно да го постигнеме членството во ЕУ и да го вратиме кредибилитетот на ЕУ и нејзината популарноста, преку конкретни резултати за граѓаните“, рече Маричиќ.

На крајот Маричиќ порача дека подобрување на регионалната поврзаност и соработка е основа ако земјите од Западен Балкан сакаат да напредуваат во ЕУ и во таа насока посочи дека темите поврзани со енергетика, безбедност, зелена агенда, треба заедно да ги држиме отворени со ЕУ.

На конференцијата, во организација на Трансатлантската лидерска мрежа, а во соработка со Центарот за Европа на Атлантскиот совет, учествуваа американски експерти, професори, претставници на дипломатскиот кор и граѓанскиот сектор.

Поврзани новости