Даниловски: „Кракен“ е позаразен, но не е опасен

by Fokus

Во Македонија вчера беше регистриран првиот случај на зараза со новиот сој „кракен“. Овој сој на омикрон веријата на корона вирусот е откриен при секвенционирање на триесетина позитивни примероци од пациенти, а бил присутен кај само еден од нив, жител на Гевгелија.

Претседателот на Комисијата за заразни болести доктор Александар Петличковски во врска со сојот кракен изјави дека сите податоци што досега ги имаат укажуваат дека повторно се работи за една варијанта која предизвикува благи симптоми и не се очекува неговото ширење драстично да го оптовари здравствениот систем.

На оваа тема свој осврт даде и епидемиологот Драган Даниловски, кој народски првин објасни што значи новиот сој, па подоцна и тоа колку е опасен.

„Вчера осамна информација дека во Гевгелија е изолирана подваријантата на Омикрон, XBB.1.5, популарно наречена „Кракен“ (по митското чудовиште со повеќе пипала – џиновски октопод или сипа – од шведската митологија), заради својата висока заразност.

Попладнето, наеднаш, бев опсипан со обраќања од загрижени граѓани, кои ми бараа објаснување за вознемирувачката вест што ја прочитале во некои портали. Таа гласи:

Значи, состојбата во првите денови е слична како кога ќе фатиме грип или кога ќе настинеме. Сепак, во наредните денови ситуацијата почнува брзо да се комплицира и на скоро сите заразени лица на крајот им е потребна хоспитализација.

”Останав запрепастен! Првиот дел е точен, дека симптомите на кракен се слични како кај грип или настинка. Вториот е лага!“, додава Даниловски.

Според него, само кај стари лица со хронични болести, односно ослабен имунитет, постои ризик да завршат во болница.

„Исто како кај досегашните соеви на омикрон. А не кај „скоро сите заразени лица“, како што стои во написот. Очигледно е дека не се работи за случаен пропуст. Очигледно е дека се работи за намера да се објави сензационалистичка „информација“.

 

Јас уште на 13 јануари во Дневникот на МТВ изјавив дека „кракен“, иако е позаразен, не предизвикува потешки симптоми. Дека короната е вирус кој постојано мутира и ќе се јавуваат нови соеви во обид да опстане, но дека, наспроти тоа, со пандемијата е завршено“, вели епидемилогот.

Тој додава дека како единствена останува препораката, тие што ќе пројават симптоми (кашлање, кивање, растечен нос), да се придржуваат до т.н. респираторен бонтон. Тоа подразбира да си стават маска кога се движат меѓу луѓе во затворен простор (особено во автобуси), а ако имаат покачена температура, да останат дома.

Ирена Мулачка

Поврзани новости