-Обединетото Кралство го препознава и поздравува придонесот на Северна Македонија во одржувањето и зацврстувањето на регионалната стабилност и безбедност, и во рамките на НАТО и нагласи дека британската поддршка на Северна Македонија во европските интеграции ќе продолжи во различни формати, иако Обединетото Кралство не е веќе дел од Унијата, изјави Мартин Викерс, специјален пратеник за трговија за Западен Балкан на премиерот на Обединетото Кралство, на денешната средба со премиерот Димитар Ковачевски.
Од Владата информираат дека на средбата се разговараше за севупните македонско-британски односи, кои беа заеднички оценети како исклучително цврсти, долгорочни и сеопфатни.
-Посебен фокус беше ставен на билатералната економска и трговска соработка, при што премиерот Ковачевски изрази големо задоволство што Обединетото Кралство е вториот најголем директен странски инвеститор во нашата земја, а Северна Македонија е првиот трговски партнер на Кралството меѓу шестте земји од Западен Балкан, соопшто владината прес служба.
-Владата која ја предводам е посветена на зајакнување на трговијата и инвестициите, посебно во областите како енергетиката и инфраструктурата, изјави Ковачевски.
Претседателот на Владата го запозна британскиот трговски пратеник и со актуелностите во земјата на внатрешно и надворешно-политички план и притоа се заблагодари за континуираната британска поддршка на Северна Македонија, рефлектирана преку соработка во многу полиња, а во насока на зајакнување на демократските капацитети и економскиот развој на државата.