Вучиќ и Курти следната недела на „кризна средба“ кај Борел

by Fokus

Високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Жосеп Борел ги покани српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти на „кризна средба“ следната недела во Брисел, потврди денеска портпаролот Петер Стано.

„Тој ги покани двајцата лидери на кризна средба во Брисел следната недела“, рече Стано.

По пристигнувањето на средбата со министрите за одбрана на НАТО, Борел рече дека за следната недела свикал кризен состанок на кој ќе се разговара за намалување на тензиите на северот на Косово, но не прецизирал на кое ниво ќе се одржи средбата.

Сега неговиот портпарол потврди дека Вучиќ и Курти се поканети во Брисел и рече дека деталите ќе бидат соопштени подоцна.

Ситуацијата на северот на Косово е крајно напната во последните неколку недели. На крајот на мај, локалните Срби се спротивставија на градоначалниците од етничките Албанци да стапат на должност по локалните избори во четири северни општини каде излезноста беше само 3,4 отсто. Излезноста беше мала затоа што Србите, кои го сочинуваат мнозинството на северот, ги бојкотираа изборите.

Во судирите беа повредени 30 припадници на мировните сили (КФОР) и повеќе од педесет српски демонстранти. Последниот инцидент се случи кога српските сили уапсија тројца косовски полицајци.

Србија тврди дека тие биле уапсени длабоко во нејзината територија, додека Приштина вели дека биле уапсени на 300 метри на територијата на Косово.

Поврзани новости