Претседателот на Народната партија на Србија, Вук Јеремиќ, изјави дека во Вашингтон српскиот претседател Александар Вучиќ „се согласил за членство на Косово во Обединетите нации (ОН)“. Според него, американска администрација има големи очекувања од Белград и Приштина веднаш по изборите на 26 април во Србија да влезат во решавање на косовското прашање.
-Високиот американски функционер Ричард Гренел, кому му беше дадена исклучително висока позиција да ги надгледува сите американски разузнавачки служби, одлучи да остане вклучен во процесот (преговорите за Косово). Заклучок е дека тој и врвот на американската администрација очекуваат Белград и Приштина да склучат договор до ноември – рече Јеремиќ за „Гласот на Америка“.
На прашањето дали знае што е договорено за Косово, Јеремиќ рече дека неговите соговорници од САД не му го кажале тоа и дека би било „неточно да се пренесат дури и инсинуациите што ги пренеле“.