Јеремиќ: Бугарското вето е „скандалозно“ и може да има последици по европската интеграција на целиот регион

by Fokus

Претседателот на српската опозициска Народна партија (НС) Вук Јеремиќ изјави дека бугарското вето на патот на Северна Македонија кон ЕУ е „скандалозно“ и дека тоа може да има последици по европската интеграција на целиот регион. Тој ја повика ЕУ да го поддржи јужниот сосед на Србија во тој процес, јави МИА од Белград.

-Северна Македонија, заради ветувањето за европска иднина, на инсистирање на Грција, се согласи да го смени дури и името на земјата, а сега Бугарија бара од неа да се понижува со тоа што ќе се согласи со тврдењето дека нејзе има да и заблагодари за својот јазик и култура. Тоа е драматична порака што во голема мера може да ја релативизира европската мантра за добрососедски односи, изјави Јеремиќ, на сесија на Варшавскиот безбедносен форум, што се одржа преку видео конференциска врска.

Според Јеремиќ, сега противниците на европскиот пат на Србија би можеле да кажат „погледнете што им се случи на Македонците, кои поради Грција го сменија името на државата, за потоа да ги дочека уште потешко барање од Бугарија. Така ќе ни се случи и на нас: ако заради ЕУ попуштиме за Косово и Метохија, ќе ни испорачаат нови барања во врска со Босна и Херцеговина“.

Јеремиќ, кој е и поранешен министер за надворешни работи и претседател на Генералното собрание на ОН, оцени дека Србија е „заглавена на патот кон ЕУ“ и дека нема да има напредок додека на власт е Александар Вучиќ и неговата Српска напредна партија (СНС).

 

 

Поврзани новости