Јелена Томашевиќ ја демантира Елена Петреска: Не поради украдени документи, туку поради договорени настапи во Србија не дошла во Прилеп

by Fokus

Откако поп пејачката и уметнички директор на фестивалот,,Мел Фест” Елена Петреска во саботата за ,,Фокус” појасни дека најавената гостинка на настанот, српската поп пејачка Јелена Томашевиќ не дошла на манифестацијата, бидејќи наводно и биле украдени личните документи во Занзибар, се огласи и нејзиниот менаџмент од Македонија.

Од таму демантираат дека се случила кражба на документите која наводно била причина за нејзиното отсуство од ,,Мел Фест”, појаснуваат дека станува збор за недоразбирање, и како Томашевиќ веќе имала договорени настапи во Србија.

-Менаџментот од Македонија на една од најпопуларните вокални интерпретаторки на Балканот, Јелена Томашевиќ, ги отфрла шпекулациите дека документите на пејачката се украдени. Поради недоразбирање, започнатите преговори околу нејзиниот настап како специјален гостин на еден од реномираните фестивали кај нас „Мел Фест“ кој годинава се одржа по 20-ти пат пејачката и менаџментот не успеаа да го договорат нејзиното учество, а во меѓувреме веќе истата имала договорени настапи во Србија. Длабоко се извинуваме за непријатностите и посакуваме што побрзо да ни биде гостин со солистички концерт, спектакуларен како оној што го одржа во МОБ во јуни годинава – наведено е во демантот.

Како мало потсетување, на прашањето зошто не настапи гостинката од Србија на гала вечерта на фестот, како што беше најавена, Петреска за ,,Фокус” појасни дека има информација како наводно и биле украдени документите.

-Јелена беше најавена како гостинка на ,,Мел Фест”, но за жал таа не можеше да дојде. Како што бевме информирани, Томашевиќ престојувала во Занзибар, каде што доживеала непријатност, која го спречи нејзиното доаѓање. Имено, и биле украдени документите, па поради тоа не била во можност да патува додека не добие нови патни исправи. Сепак, таа вети дека ќе се појави во некој од идните настани поврзани со талент шоуто, кои ќе започнат кон крајот на годината и ќе се одржуваат се до месец мај, а потоа ќе следува и финале во месец јули – пред три дена изјави уметничката директорка на ,,Мел Фест”.

Вики Клинчарова

Поврзани новости