Голема операција за пребарување и спасување е во тек во Атлантскиот Океан, откако исчезна туристичка подморница со пет лица, која требаше да нурне до потонатиот брод Титаник.
Американската и канадската крајбрежна стража бараат мала туристичка подморница со пет луѓе. Контактот бил изгубен 1 час и 45 минути по нејзиното нуркање, соопшти американската крајбрежна стража. Операцијата се води од Бостон.
Билетите за осумдневно патување кое вклучува возење со брод до местото на потонувањето на Титаник и нуркање со подморница на длабочина од 3.800 метри чинат 250.000 долари.
Меѓу петте луѓе во подморницата е и богатиот британски милијардер бизнисмен Хамиш Хардинг, директор на компанијата „Action Aviation“, пренесуваат агенциите. Хардинг неодамна на социјалните мрежи објави дека ќе биде дел од тимот.
Aмериканската крајбрежна стража во соопштение соопшти дека трага по пет лица откако канадскиот истражувачки брод „Polar Prince“ изгубил контакт со подморницата за време на неговото нуркање.
Подморницата со која беше изгубен контакт во неделата треба да има четиридневно снабдување со кислород. „На подморницата можеби и останале помалку од 70 часа кислород“, изјави адмирал Џон Маугер, командант на округот на Првата крајбрежна стража.
Компанијата што го организира патувањето, „OceanGate Expeditions“, во соопштението за јавноста рече дека ги истражува и ги мобилизира сите опции за да обезбеди безбедно враќање на екипажот.
На својата веб-страница компанијата наведува дека мисијата за посета на Титаник е во тек од 12 до 20 јуни. Подморницата е дизајнирана да може да однесе пет луѓе на длабочина од 4000 метри, а вкупно со пет луѓе може да остане под вода 96 часа.
„Екипажот на подморницата се состои од некои легендарни истражувачи, од кои некои направиле повеќе од 30 нуркања до РМС Титаник од 1980-тите“, напиша Хардинг во објавата.