Првоосомничен во случајот, кој е со кодно име Феникс го води Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОК) е поранешниот премиер Никола Груевски, второосомничен е ексвицепремиерот и министер за финансии во неговата влада Зоран Ставрески, а на листата се и поранешната министерка за култура Елизабета Канческа-Милевска, двајца поранешни градоначалници на Општина Центар – Владимир Тодоровиќ и Виолета Аларова и поранешниот претседател на Советот на Општина Центар, Владимир Здравев. Меѓу осомничените е и еден државјанин на Италија и три италијански фирми.
Обвинителот Љубомир Лапе денеска презентира детали за случајот при што рече дека „Скопје 2014“ е сложен предмет, а оваа истрага се однесува само на 11 споменици меѓу кои фонтаната со „Воинот на коњ“ на плоштадот „Македонија“, потоа спомениците на „Цар Самуил“,, „Никола Карев“, споменикот на АСНОМ, лавовите на мостот Гоце Делчев и други
Вкупно 15 физички и седум правни лица се осомничени во истрагата што Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) ја отвори, а е поврзана со проектот „Скопје 2014“.
Кривичните дела на кои се однесува оваа истрага се злоупотреба на службената положба и овластување и перење пари.
Во врска со кривичното дело перење пари, обвинителот Лапе даде пример со еден споменик кој тендерски во земјава е платен 4,7 милиони евра, а во Италија каде што бил изработуван на подизведувачот му се исплатени 2,3 милиони евра.
Обвинителот Лапе рече дека станува збор за сложена истрага во која била барана меѓународна правна помош од пет држави и дека истрагата сè уште не е затворена.
Таа била отворена кога ОЈО ГОКК добило информации дека еден од осомничените сакал да ја напушти државата. За дел од лицата се бараат мерки на претпазливост и замрзнување имот.