Грчкиот министер за надворешни работи со допис до министерствата: по 12 февруари нема да важат непроменетите документи од Северна Македонија

by Fokus

Министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис преку допис до грчките министерства потсетува дека на 12 февруари 2024 година истекува петгодишниот преоден период во однос на документите за меѓународна употреба на Северна Македонија. Како што пренесува МИА, грчкиот шеф на дипломатијата испратил циркуларно писмо до сите грчки министерства за да ги преземат потребните дејствија.

„Од 13 февруари 2024, сите официјални документи и материјали на Северна Македонија за меѓународна употреба, односно пасоши, лични карти, возачки дозволи, документи за патнички и товарен транспорт, регистарски таблички, потврди итн., ќе треба да ја имаат само терминологијата од член 1 (3) од Договорот од Преспа. Во спротивно, нема да бидат прифатени од грчките власти,“ се наведува во циркуларното писмо.

Шефот на грчката дипломатија посочува дека регистарските таблички на возилата треба да ја имаат ознаката „NMK“ или „NM“ и до сите 19 министерства апелира да ги преземат сите потребни дејствија за да ги информираат Секретаријатите, Директоратите и службите, како и управите, организациите и сл. под нивна надлежност.

Паралелно писмото содржи и информации на три јазици, грчки, англиски и француски, за уставното име во целина (Република Северна Македонија), за краткото име (Северна Македонија), државјанството (македонско/граѓанин на Република Северна Македонија) и кодовите на земјата („NMK“ или „NM“ за регистарските таблици на возилата и „MK“ и „MKD“ за друга употреба).

Поврзани новости