Невена Кочовска, вокалистката од ,,Мањифико”, своевремено еден од најпопуларните ансамбли кај нас, починала на 81-годишна возраст. Веста за нејзиното заминување ја објави поп-фолк пејачката Росана Сариќ – Тодоровска, која се прости со неа со зборовите дека си заминала жена уметник и мајка кралица.
Повозрасните генерации ја памтат Невена и нејзиниот сопруг Панче како дел од легендарниот ,,Мањифико”, кој беше познат по обработките на латино-американските хитови, но и староградски македонски песни. Имаа гостувања во многу земји, снимија голем број на албуми, а нивните изданија се продаваа во сребрен или златен тираж. Ансамблот имаше кариера која траеше цели три децении, се до 1990 година.
Тие се родители на актерката и поранешна пејачка Тања Кочовска, и на Лидија Кочовска, која исто така во минатото беше доста активна на поп сцената.
Пред неколку години Тања откри дека нејзината мајка се бори со Алцхајмерова болест.
Нивното семејство имаше заеднички настап пред пет години на манифестацијата ,,Златна бубамара” каде ја добија наградата за животно дело.
Вики Клинчарова