Јавноста се простува со Мирче од ,,Интервали”: Никогаш не запеа турбо фолк, македонската песна му беше светост!

by fokus

Мирчо Чуков, струмичанецот познат во јавноста како Мирче од ,,Интервали” почина ненадејно вчера на 64-годишна возраст. Музичарот кој заедно со неговата сопруга Жане повеќе од три децении настапуваа како ,,Интервали”, зад себе оставија низа на хитови.
,,Дај поведи ме”, ,,Ех, да сакаш”, ,,Молчи срце”, ,,Пчела”, ,,Ноќва е створена за грев”, ,,Дана”, ,,Те молам немој”, ,,Ана”… се дел од песните по кои тие се препознатливи.

Освен учествата на фестивалите на забавна музика, Мирче и Жане речиси секој викенд во изминативе години гостуваа во локали низ земјава. За нивните забави секогаш се прикажувало, бидејќи и двајцата беа вистински вљубеници во музиката и пееа од срце.

Она по кое беа на некој начин препознатливи, е што никогаш не пееа турбо фолк песни, без оглед дали тоа некој од публика ќе го побараше од нив.
Нивниот богат репертоар беше составен од забавни македонски мелодии, евергини на италијански, шпански и грчки јазик, и секогаш се трудеа да остават печат со македонската песна.

Инаку, групата ,,Интервали” беше формирана во далечната 1974 година, а Мирче и Жане и се приклучиле во 1982 година. Две години потоа, ја направиле првата снимка за продукцијата РТ Скопје за песната ,,Венчавка”.

Во 1987 година стекнаа голема популарност со хитот ,,Дај поведи ме” со кој победија на фестивалот ,,ТВ Спот Фест”.
Два пати учествуваа на југословенскиот избор на песна за Евровизија, а првиот албум го издадоа во 1991 година. Во 2009 година пак, Мирче издаде соло албум со традиционални македонски народни песни.

Вики Клинчарова

Поврзани новости