Јавноста го запозна како Борис со „Дождлив ден“, сега е Рис Флауер со евровизиски амбиции

by Fokus

Рис Флауер, односно Борис Цветановски е еден од шесте кандидати кои се избрани на Националниот избор на песна за Евровизија 2022. Рис се претстави со песната ,,Flying to Berlin” чиј автор на музика и текст е самиот тој, додека аранжманот е на Mustafa Canbazlar. Неговото уметничко име се појави во етерот пред две години, кога дебитираше со ,,Translucent”, а потоа објави уште неколку песни и видео записи на англиски јазик.

На издавањето на својата музика работел со професионални издавачки куќи од Турција и Британија, а неговите дела се застапени на Вево платформата. За музичките почетоци на некогаш Борис, а сега Рис, се сеќава нашата публика, кога пред шест години тој направи промоција за памтење на својот деби албум ,,Дождлив ден”.

Настанот се случуваше во пивницата Стар град, а Цветановски сите осум песни од албумот ги изведе во живо, со бенд. Од страна на медиумите беше опишан како музичко освежување и му се предвидуваше ветувачка кариера. Како изненадување дојде неговата најава пред две години дека станува интернационален артист, со ново, уметничко име, кој потоа ја продолжи кариерата снимајќи песни на англиски јазик, за светскиот музички пазар.

Платформата за гласање за наш евровизиски претставник е отворена до 4-ти февруари, а покрај Рис Флауер, селектирани се уште пет изведувачи за кои јавноста може да гласа. Гласовите од јавноста се половина од финалниот резултат, а другата половина ќе се добие од гласови на меѓународно стручно жири, известија од МРТ.

Вики Клинчарова

Поврзани новости