Јавноста бара одговори околу штетните последици од млекото со токсин: Го пиеле и деца, ќе се одрази ли тоа врз нивното здравје?

by Fokus

Откако во тек на вчерашниот ден од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) информираа дека од продажба се повлекува небезбедно трајно млеко „Милкано“ со 3,2 отсто масленост поради присуство на афлатоксин М1, во јавноста се отворија прашања кој е здравствениот ризик од конзумирање на производи кај кои е регистрирано присуство на афлатоксин М1, но и дали имаме професионални и соодветни контроли од институциите, кога е безбедноста и квалитетот на храната во прашање.

Млекото поради кое се вознемири јавноста е всушност производот „УХТ Трајно млеко, „Милкано“ 3,2 отсто масленост, Сериски број/лот- LOT FD04, Датум на производство: 05.10.2022, Рок на употреба: 04.03.2023, Производство: Mлечна индустрија ми 99 – Градачац, Босна и Херцеговина, со одобрен број ml 2-166, Увозник: Стокомак ДОО Скопје, Дистрибутер: Стокомак ДОО Скопје“.

Како што е појаснето на официјалната страница на ЕФСА, Европска агенција за безбедност на храна, присуството на афлатоксини во храната е причина за здравствена грижа. -Од ЕФСА беше побарано да даде научно мислење за ризиците по јавното здравје поврзани со присуството на афлатоксини во храната. Проценката на ризикот беше ограничена на афлатоксинот Б1 (AFB1), AFB2, AFG1, AFG2 и AFM1. Во евалуацијата беа користени повеќе од 200.000 аналитички резултати за појава на афлатоксини.

Зрната и производите на база на жито дадоа најголем придонес во просечната хронична диетална изложеност на AFB1 во сите возрасни класи, додека „течното млеко“ и „ферментираните млечни производи“ беа главните придонесувачи за просечната изложеност на AFM1. Афлатоксините се генотоксични, и AFB1 може да предизвика хепатоцелуларни карциноми (HCCs) кај луѓето.

Проценетите ризици од рак кај луѓето по изложување на AFB1 и AFM1 се во согласност со заклучокот изведен од MOE. Заклучоците важат и за комбинираната изложеност на сите пет афлатоксини -објавено е на официјалната страница на ЕФСА (European Food Safety Authority). На страницата на Индустриската лабораторија за тестирање Еуролаб пак, каде што се врши афлатоксин М1 определување, појаснето е дека афлатоксините се канцерогени и високо токсични соединенија.

-Во спроведените студии, имињата на афлатоксин М1 и афлатоксин М2 биле дадени на млечни токсини кои излегле со млеко на животни. Најмногу се забележува кај крави кои се хранат со храна што содржи афлатоксин Б1. Ако еден литар млеко содржи повеќе од 0,05 микрограми афлатоксин М1, ова предизвикува жолтица и сериозно оштетување на црниот дроб- објавено е страницата на Еуролаб.

Во регионот имаше скандал поради присуство на афлатоксинот М1 во млекото уште пред околу десет години. Стануваше збор за млеко од хрватски Дукат, и производителот ги повлече сите трајни млека од рафтовите. Во тој период беше забележана појава на афлатоксин и во српската пченка. Уште тогаш се отворија прашањата околу тоа колку е безбедна храната која ја конзумираме, и дали кај нас се вршат доволни контроли, посебно на храната од увоз. Вчера пак, од ,,Стокомак” јавно ги повикаа купувачите кои го купиле спорниот производ, истиот да го вратат во нивните маркети, а ќе им бил надоместен целиот износ.

-Парите за млекото ќе ни ги вратат, но што е со последиците од неговото конзумирање? Млекото е производ кој најчесто го користат деца, бараме прецизни информации околу тоа на каков начин е загрозено здравјето на оние кои веќе го пиеле сега повлеченото млеко – се дел од реакциите на вознемирената јавност.

Вики Клинчарова

Поврзани новости