Долгот на јавно здравствените установи изнесува пет милијарди денари и е зголемен за една милијарда денари во првите шест месеци од годинава, соопшти денеска директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) Сашо Клековски.
-Најголеми должници се универзитетските клиники за Радиологија и онкологија, Торакална и васкуларна хирургија, Гинекологија, а има и неколку болници надвор од Скопје како Прилеп и Охрид.
-Долговите се настанати заради несоодветно планирање и буџетирање, посочи Клековски. Нагласи дека иако во јавноста се тврди дека во буџетот имало доволно пари, тоа, како што рече, не е точно.
-Дел од долгот не е настанат затоа што несоодветно се финансирани потребите на соодветните клиники.
Онкологија е еден од примерите каде не биле буџетирани доволно средства ни за програмата што им е одобрена за работа, а дел од долгот е заради по мое разбирање – дозволен хаос во финансиското работење на јавните здравствени установи со отсуство на контрола на платите и со отсуство на контрола на материјалното работење и залихите, прецизира Клековски.
Посочи дека има повеќе примери каде се делеле незаработени плати дали преку зголемување на основните плати или преку дежурства и други форми.
-Има затекнати состојби за нејасно работење со набавки и управување со залихи.
-Системот во Фондот за здравство функционира, а софтверските системи во ФЗО се едни од најдобрите во земјава и навремено собираме информации за состојбата во здравството и во основа навреме алармиравме.
Правиме тримесечни пресеци и ја следиме состојбата за секој поединечно и реагираме таму каде што можеме да реагираме.
Ја информиравме Владата за состојбата со долговите и работиме на ребаланс за да обезбедиме дополнителни средства за функционирање на сите подрачја од јавен интерес, потенцира Клековски.
Според него, бидејќи состојбата ескалира мора да се анализира кои се генераторите на состојбите, зошто, како што вели, само покривање на долгови не води кон никаде.
Потсети дека во 2007 година се стартуваше со нула долгови, бидејќи тогашната Влада на ВМРО-ДПМНЕ ги плати сите долгови во здравството.
Прашан од каде ќе најде пари Онкологија до крајот на годинава ако до јуни го потрошила цел буџет за 2024 година, Клековски рече дека ФЗО работи на обезбедување на дополнителни средства.
-Веднаш по објавувањето на новиот директор на Онкологија почнавме разговори зашто се случило да нема лекови и кои се приоритетните подрачја да ги обезбедиме потребните средства за набавки на лекови и за намалување на долгот, бидејќи Онкологија должи околу 650 милиони денари или 10 милиони евра.
Таму не е доволно само да обезбедиме пари за до крај на годината, мора да направиме санација на постојниот долг, посочи Клековски.
Како пример за другите недоследности кои ги затекнале, Клековски ја посочи Струмичката болница од 6,000 квадратни метри делумно опремена и една од најсовремените болници во земјава со малку кревети во соба и соби адаптирани за тешки пациенти и за лица со посебни потреби за која се неопходни 1,5 милиони евра за да се пушти во работа, а веќе три години не се презема ништо.
Болницата не се пушта во работа, како што рече, и заради тоа што со трафостаницата е споена со несоодветен кабел поради што ЕВН Македонија одбива да го прими во употреба и да ја поврзе болницата на енергетската мрежа.
-Таму три години е „статус кво“ и ништо не се решава. Имаме случаи на крајна неодговорност.
Во Штип, пак, имаме акцелератор од два милиони евра кој 10 години стои надвор од употреба, а Клиничката болница нема функционирачка магнетна резонанца, јасноскоп и колоноскоп кои би биле основни потреби за некоја болница да се нарече клиничка универзитетска болница.
Има центар за гангрена формално одлучен да биде во Кочани, но не функционира.
Моментално четири клиники вклучувајќи ги „8 Септември“, Пластика и Торакална ги згрижуваат овие пациенти кои се високо инфективни и претставуваа ризик.
Ова го допира и Министерство за здравство, но го допира и работењето на ФЗО, бидејќи ние мораме да обезбедиме квалитетни услуги таму и затоа не интересира во какви услови се одвиваат работите, прецизира Клековски.
Тој очекува до 16 септември новите лекови да бидат достапни во системот и во аптеките и матичните доктори да можат да почнат да ги издаваат и да се користат, изјави Клековски по денешната средба со новинарите во ФЗО.