Извршниот одбор на Здружението на јавните обвинители со писмо до претседателот на Собранието на Република Македонија, до генералниот секретар на Собранието и до Владата, побара со ребалансот што го предложи Владата да не се кратат првично предвидените пари за Јавното обвинителство на Република Македонија и за примената на Законот за кривична постапка.
„Евидентно е проектираното намалување на средствата на Јавното обвинителство на Република Македонија за 2017 година и тоа од вкупно 259.213 евра на 237.574 евра, а во однос на средствата предвидени за имплементација на Законот за кривичната постапка, се определува намалување од 214.455 евра на 195.130 евра. Во оваа насока, во делот на плати и на надоместоци за вкупно 552 вработени во Јавното обвинителство на Република Македонија износот на средствата се намалува од постојните 218.323 евра на 205.558 евра, додека за обезбедување стоки и услуги од 39.886 евра на 28.000 евра“, се вели во писмото.
Извршниот одбор на здружението вели дека со почнувањето со примена на новиот Закон за кривичната постапка на 1 декември 2013 година, надлежностите на Јавното обвинителство многу се зголемиле и со оглед на условите во кои работат и функционираат јавните обвинителства, но и посебните услови и висок ризик за работа, обезбедените средства за тековно работење и плата не се луксуз, туку се неопходни за ефикасно, нормално функционирање и за спроведување за работните активности.