Јавниот обвинител Коцевски го посети Истражниот центар на ОЈО Скопје

by Fokus

Јавниот обвинител Љупчо Коцевски денеска се запозна со резултатите од работата и организацијата на Истражниот центар во Основното јавно обвинителство Скопје во кој во моментов работат вкупно 17 истражители специјализирани за истражување на различни видови криминал.

Истражниот центар прераснува во своевидно јадро на обвинителството и бројот на предмети во кои постапувале истражителите за една година е практично речиси удвоен – од 150 предмети во 2022 на над 280 предмети во текот на 2023 година. Истражителите самостојно преземаат голем број различни дејствија – прибирање документација, барања до институции, учествуваат при претреси и лишување од слобода на лица, а се ангажирани и во дејствија на меѓународна соработка со истражни органи од други земји.

„Веќе е реализирано поврзување со Централниот регистар и со базата на податоци на МВР, така што сега практично за само неколку минути можеме да ги обезбедиме податоците за профил на правно лице кое го истражуваме или за идентитет на одредено физичко лице или возило. Во следните денови претстои такво поврзување со базите на податоци на Агенцијата за катастар на недвижности и со Агенцијата за вработување, со што практично многу ќе се зголеми ефикасноста на постапувањето“, појасни јавниот обвинител Марија Џабирова Велков, раководител на Истражниот центар на ОЈО Скопје.

Основниот јавен обвинител Гаврил Бубевски нагласи дека истражниот центар е приоритет за Основното јавно обвинителство Скопје од аспект на овозможување на сите потребни финансиски и кадровски ресурси за негово непречено функционирање. „Во најскоро време ќе бидат донесени сите акти за внатрешно функционирање на истражниот центар, а истражителите ќе добијат дополнителни обуки и стандардни оперативни процедури кои треба да ги користат при водењето на финансиските истраги“, најави Бубевски.

Државниот јавен обвинител Коцевски изрази задоволство од постигнатите резултати на истражниот центар на ОЈО Скопје и побара од истражителите своето искуство и начинот на функционирање да го пренесат и во останатите обвинителства во кои се формирани вакви центри. „Истражниот центар мора да биде брз, модерен и ефикасен во прибирањето на доказниот материјал. Вие во основните јавни обвинителства практично ги преземате првите дејствија во една постапка и го одредувате натамошниот тек и ефикасноста на предметите“, рече Коцевски.

Најголем дел од опремата за Истражниот центар на ОЈО Скопје е донација од Амбасадата на САД. Истражни центри се формирани и во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, како и во основните јавни обвинителства во Тетово и во Куманово.

Поврзани новости