Јавниот долг падна под 60 отсто од БДП

by fokus

Јавниот долг заклучно со третиот квартал падна под 60 отсто од бруто домашниот производ, колку што е определено со мастришкиот критериум на Европската Унија, позиционирајќи се на ниво од 59,3 проценти од БДП, соопшти Министерството за финансии, додавајќи дека ова ја покажува добро поставената фискална политика и доброто управување со јавните финансии и во време на пандемијата со Ковид-19.

Од Министерството информираат дека јавниот долг во третиот овогодишен квартал забележа намалување од 3,8 процентни поени во однос на второто тримесечје од 2021 година, односно од 63,1 отсто се намали на 59,3 проценти од БДП.

Согласно денеска објавените податоци на Министерството за финансии, јавниот долг изнесува 6.950,7 милиони евра, додека на 30 јуни.2021 изнесувал 7.386,8 милиони евра.

– Намалувањето на долгот се должи пред се на исплатата на Еврообврзницата издадена во 2014 година, во износ од 500 милиони евра. Значајно е дека и покрај рецесијата, Владата успешно настапи на глобалните пазари на капитал и средствата за оваа Еврообврзница беа обезбедени со издавање нова Еврообврзница во март 2021 година со историски најниска каматна стапка од 1,625 проценти. Министерството за финансии цврсто стои на својата заложба за стабилизирање на долгот и негово позиционирање на ниво до 60 проценти од БДП што е во рамки на Мастришкиот критериум, се наведува во соопштението.

Од таму додаваат дека до 2026 година, проекциите во Стратегијата за управување со јавниот долг се дека тој ќе се стабилизира и ќе се намали на 57,7 отсто, додека државниот долг ќе се сведе на 50,7 проценти.

Поврзани новости