Предлог законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство за кој ресорното Министерство денеска организираше јавна дебата во Струмица треба да овозможи интегриран мултидисциплинарен одговор во справувањето со овој вид насилство, почитувајќи ги човековите права во согласност со меѓународните стандарди.
– Со овој закон се уредува постапувањето на институциите со должно внимание при заштитата на жените од сите форми на родово-базирано насилство и жртвите на семејно насилство, меѓусебната координација на институциите и организациите. Законот ги опфаќа мерките за превенција од родово-базирано насилство врз жените и жртвите на семејно насилство, собирањето на податоци за родово-базираното насилство врз жените, вклучувајќи го и семејното насилство, соопшти Министерството за труд и социјална политика, информираат од Министерството за труд и социјална политика.
Отаму потенцираат дека Предлог законот за којшто се дебатира е во согласност со надлежностите и стратешките определби за унапредување на еднаквите можности, недискриминација, превенција и заштита од секаков вид насилство. Целосно е усогласен со Програмата на Владата за 2017-2020 година и е во насока на реализација на Акцискиот план за спроведување на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба со насилство спрема жената и домашно насилство 2018-2023 година, велат од МТСП.
Јавна дебата за законот вчера се одржа и во Битола, а до крај на месецов се планирани уште две, од кои едната во Скопје.