Во Клубот на пратеници во Скопје денеска ќе биде одржана јавна расправа за предлог законот за конфискација на имот во граѓанска постапка.
Предвидено е обраќања да имаат вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска, министерот за правда Кренар Лога и Олег Солдатов, раководител на Програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје.
По презентацијата на предлог законот и на меѓународните стандарди и компаративни искуства, ќе следи отворена дискусија за предложеното законско решение, на која стручната фела ќе има можност да ги сподели своите предлози и сугестии, соопшти владината прес-служба.
Целта на донесувањето Закон за конфискација на имот во граѓанска постапка е да се заштити јавниот интерес на Република Северна Македонија на начин што ќе се оневозможи располагање со имот, за кој не може да се докаже дека е стекнат од законски извори, а во насока на превенирање кривични дела поврзани со организираниот криминал и корупција.