Јавен повик за финансиска помош на компаниите

by fokus

Министерството за економија го објави јавниот повик за финансиска поддршка за компаниите од преработувачката индустрија, трговијата и ИТ-секторот кои во текот на 2020 година ќе реализираат инвестиција.

За оваа мерка предвидени се 20 милиони евра.

„Главната цел на оваа мерка е да се помогнат компаниите кои ќе ги изгубат пазарите за повторно освојување на пазарите- зголемување на нивната конкурентност, модернизација на процесите, зголемување на продуктивноста со што ќе се одржат деловните потфати кои ќе придонесат за закрепнување на економијата на земјата, преку реализација на инвестициски проект во пост-ковид периодот од јули до декември 2020 година“, велат од Министерството за економија.

Висината на финансиската поддршка изнесува 25 проценти од реализираната инвестиција според инвестицискиот план што ќе го достави апликантот, но не повеќе од 40 000 евра за компании кои оствариле вкупен приход во 2019 година не повисок од 1 000 000 евра, 100 000 евра за компании кои оствариле вкупен приход во 2019 година од 1 000 001 евра до 10 000 000 евра, 140 000 евра за компании кои оствариле вкупен приход во 2019 година од 10 000 001 евра до 50 000 000 евра и 200 000 евра за компании кои оствариле приход во 2019 година повеќе од 50 000 000 евра.

Компанијата која ќе добие финансиска поддршка има обврска до 31 јануари следната година да достави извештај за текот на реализација на инвестицискиот план со докази дека тој се реализира во предвидените рамки.

„Доколку деловниот субјект не успее да ја заврши инвестицијата или не успее да ја докаже минимум 80 проценти од вредноста на инвестицијата треба да ги врати средствата не подоцна од 01.03.2022 година“, велат од министерството.

Компаниите кои ќе аплицираат треба да достават инвестициски план, тековна состојба на деловниот субјект, биланс на успех за 2019 година и пресметка на аконтациите на данокот на добивка за месеците март, април и мај 2020 година.

Поврзани новости