Граѓанското здружение „Јасна иднина“ од Небрегово денеска ја осуди одлуката на владата за стопирање на исплатата на средствата за невладините организации која ја донесе претходната влада откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски најави „десоросоизација“.
-Согласно потпишаниот договор, ние сме почнале со изработка на проектот и настанати се првите финансиски импликации за имплементација на истиот. Ние бараме Владата веднаш и без никакво одлагање да ни ги исплати средствата за имплементација на проектот. Ние како организација ја почитуваме одлуката на Владата да побара да се направи ревизија на одлучувањето за доделување проекти. Ја охрабруваме владата и Државниот завод за ревизија да направат комплетна ревизија на процесот на доделување на проектите и доколку се најдат наоди за злоупотреби, сите оние кои учествувале во процедурате на доделување и одлучување за поддршка на проектите, да бидат кривично гонети. Сепак, одлуката за правење ревизија по проектите на никаков начин не смее да го запре процесот на исплата на проектите бидејќи за истите постојат решенија и договори, и расходите за нивно имплементирање се започнати, пишува во соопштението.
Здружението додава дека за сите направени расходи за проектот ќе поднесат тужби за надомест на штета против Владата бидејќи нивните правни застапници ги известиле дека Владата нема право да го запре спроведувањето на проектот на никаков начин.
Во 2009 година, здружението „Јасна иднина“ беше дел од организациите кои го формираа „Отпорот против Бранко Црвенковски“. Како што објави поранешниот портпарол на СДСМ, Емилијан Станковиќ, ова здружение од своја сметка плаќало огласи во весници по 900 евра, а закупувало и простор во телевизиите кои оделе во ударни термини, а во кои се зборувало против Црвенковски.