Јасминка Ангелова, сопруга на лидерот на партијата Достоинство, Стојанче Ангелов, тврди дека на синоќешниот протест за случајот Мартин Нешкоски, полицаец ја удрил по глава додека се поздравувала со поранешен колега. Таа на својот Фејсбук профил ја опиша случката.
„Вечерва, доживеав тешка траума од колега полицаец. За време на протестите пред Обвинителството, кога одевме кон ГТЦ, на мостот беа поставени неколку полицајци од ЈРМ. Како што поминував со граѓаните, ме повика наш дамнешен пријател и колега. Отидов да се поздравм со него и се фотографиравме. Одеднаш по главата почувствував толку силен удар, што не знаев што се случува и каде се наоѓам. Ме удри од зад грб. По тилот. Без никакво предупредување. Што направив? Се сликав со наш пријател-колега. Веднаш потоа ми се развика дека ми наредувал да се оддалечам. Остнатите полицајци изненадено гледаа, запрепастени од неговата реакција.
Ниту прекршив јавен ред и мир, ниту нападнав службено лице, не сторив ништо за да ме допре, а камо ли да ме удри. Од зад грб, кукавички. Не можеше ниту во очи да ме погледне. Ќе завршам со зборовите на мојот сопруг, генералот Стојанче Ангелов. ПОЛИЦАЈЦИ!
Ваша обврска со Уставот и законите е да ги штитите македонските граѓани! Од убијци и криминалци, од лоши и злобни луѓе! Затоа, не тепајте ги своите сограѓани! Граѓаните тоа не го очекуваат од вас. Граѓаните тоа не го заслужиле.
Доколку добиете наредба за насилство врз своите сограѓани, одбијте ја! Или извршете ја “меко“. Колку вашите наредбодавци да помислат дека ја извршувате.
Ти не го послуша човечкиот апел на мојот сопруг! И, за тоа ќе бидеш казнет! И на земјата, и на небото!“,напиша Ангелова.