Министерот за правда Аднан Јашари се надева дека иницијативата која отвора можност претседателот на државата да помилува лица осудени за изборни измами, педофилија и дела против човештвото нема да профункционира.
– Јас сум на истиот став како во 2009-тата кога го гласав законот во Собранието како пратеник и понатаму сметам дека тој закон е добар и се надевам дека нема да биде изменет – вели Јашари.
Инаку, последно околу целата иницијатива, која донесе бројни различни реакции низ јавноста, беше дека Уставниот суд продолжува да ја спроведува процедурата околу оспорувањето на измените во Законот за помилување.
Вчера уставните судии го усвоиле решението за оспорување на измените, кое сега треба да биде доставено до законодавецот, односно до Собранието, кое, пак, во фазата на иницијатива за измените даде негативно мислење, односно беше против измени во законот.
Парламентот сега треба во рок од 30 дена пак да даде мислење за постапката што ја поведе Уставниот суд, кое не е пресудно во одлучувањето. Откако ова мислење ќе се добие, Уставниот суд уште еднаш го разгледува целиот предмет и со просто мнозинство донесува конечно решение.
Овие измени станаа актуелни откако многумина високи актуелни и поранешни владини функционери се осомничени за изборен криминал во корист на владејачката партија.