Јас верувам во Господ, верувам во себе, во Вас, во сите колеги дека ќе има позитивни работи, рече новозибраниот претседател на Судскиот совет, Сашко Георгиев откако беше изгласан за претседател со осум гласа „за“.
Тој беше еден пучистите кои минатата недела, на чело со заменик претседателот, Селим Адеми, во законски непредвидена процедура ја разрешија претседателката, Весна Дамева. По две тајни седници, без јавност, тие го расчистија патот за избор на нов претседател, прво си ја поништија одлуката за разрешувањето на Дамева, па потоа на друга тајна седница, ја разрешиле со девет гласа „за“, еден повеќе од оние со кои е избран новиот претседател.
Пред гласањето Георгиев рече дека гордоста е на негова страна што го предлагаат и оти го прифаќа предлогот само ако е од сите заедно и дека очекува сите заедно, сплотени и со натпросечен придонес да придонесат за враќање на довербата.
– Знаеме неколку дена во каква состојба се доведе Судскиот совет, од друга страна еве смогнавме сили, само ние знаеме како, меѓу нашите состојби тука, најдовме сили и можности да се извлечеме од таквата состојба, во смисла да ја враќаме пред се довербата меѓу нас, а од друга страна и воопшто на судството и државата. Значи колеги, мислам дека го расчистивме патот да дојдеме до оваа фаза да бираме претседател, од друга страна, сметам дека тоа е законит и легален пат.
Во тој дел бевме едногласни. Колеги, гордоста е на моја страна што ме предлагате во таквата состојба за да продолжиме да работиме и да ја враќаме довербата и имаме резултати во работата. Очекувам колеги, само сите заедно, сплотени и со надпросечен придонес од самите себе да смогнеме сили да ја враќаме довербата и меѓу нас, а од друга страна и меѓу граѓаните, изјави Георгиев.
Доколку, посочи Георгиев, произлегува искрено од колегите, го прифаќам овој предизвик и, уште еднаш, ги повика сите да придонесат во работата.
Новоизбраниот претседател на Судски совет Сашко Георгиев, доаѓа од Штип. Како што стои во неговата биографија на веб страницата на Судски совет, тој положил правосуден испит од 2000 година, по што од 2001 до 2008 работел како адвокат во канцеларија во Штип. Од тогаш, па се до 2018 година, кога е избран за член на Судскиот совет, работи како судија кривичар во штипскиот Основен суд.
Судскиот совет, како што појасни Георгиев во изјава за медиумите по неговиот избор, изминатите денови имал неколку колегиуми, а денеска одржал и затворена за јавност седница, за како што посочи, надминување на состојбата во која се наоѓал Советот.
Одлуката седницата да биде затворена за јавноста, Георгиев ја оправда со „нарушените меѓучовечки односи“ во Судскиот совет.
– Одлучивме едногласно во отсуство на јавноста да одржиме седница, имајќи предвид дека во законот за Судски совет е предвидена можност да се исклучи јавноста, особено за сензитивни точки на дневен ред кога се дискутира за некаква доверба и за некакви ситуации, во кои што не беше спорно дека демнееше тоа меѓу јавноста и меѓу нас како членови дека требаше некои работи да се отворат и да се кажат пред сите.
Тоа се случи, разговаравме, дискутиравме. Тоа беше два-три дена и дојдовме до заклучок дека треба така да постапиме. Тоа е едногласна одлука на целиот Совет. Знам дека не е транспарентно, но има една работа, се најдовме во таква ситуација каде што, а согласно законот тоа е нужно и потребно, да можеме да дискутираме и без јавност. Имавме пред јавноста многу состојби кога следевте директно од седница, каде што јавноста и граѓаните го цена тоа како недозволиво, скандалозно, но од тие причини, мислам и дека не згрешивме кога некои работи ги расчистивме и дојдовме до таков заклучок, изјави Георгиев.