Само 6.000 денари добивме, како донации на сметка, откако пред околу три недели јавно апелиравме за помош од хуманите граѓани и општествено одговорни фирми. Сепак, јас не губам верба во хуманоста и добрината – за ,,Фокус” вели Благица Китанова (34) од Неготино, која со семејството живее во разурната стара куќа и се бори секојдневно да обезбеди храна за своите деца.
Како што раскажа уште пред три недели, таа останала без работа пред две години, кога започна пандемијата. Нејзиниот сопруг не можел да работи бидејќи имал здравствени проблеми, а имаат две деца, пет-годишна ќерка и три-годишен син.
Раскажува дека на сопругот (48) кој имал проблеми со видот и живеел со еден бубрег, не му следувала инвалидска пензија бидејќи имал работен стаж од само три години, па целиот товар бил врз нејзиниот грб. Работела како аргатка кога ќе ја повикале, но потребно и е стабилно вработување.
-Многу е лошо да си доведен во ситуација да бараш донации, но не гледам друг излез. Барам работа за мене, апелирам до општествено одговорните компании да ми помогнат. Потребни ни се и градежни материјали, барем една соба и купатило да оспособиме во куќата во која живееме.
Уште еднаш замолувам за донации во храна, облека, средства за хигиена… Куќата ни е во Пепелиште, Неготино, секој може да дојде и да види во какви услови живееме со две мали деца.
Знам дека е криза, дека многу семејства тешко живеат, но вербата дека ќе се реши нашиот проблем, дека хуманоста ќе излезе на виделина и во нашиот случај, не ме напушта – раскажа младата жена.
Сите кои се во можност да му помогнат на семејството Китанови можат да ја контактираат Благица на телефонскиот број 075 283 614, или пак да донираат на сметката на нејзиниот сопруг Тони Китанов, во NLB – 210 501727827002, со назнака донација.
Вики Клинчарова