,,Јас сум во Будимпешта”- поминаа четири години од бегството на Груевски

by fokus

Пред точно четири години поранешниот премиер Никола Груевски ја извести јавноста дека наместо да се спрема за во затвор, тој избегал во Будимпешта, Унгарија.

Како што појасни тогаш, добил закани по животот, па решил да се засолни на сигурно, наместо да влезе во ,,Идризово”.

Иако поминаа четири години, никој не одговараше за неговото бегство, а предметот заглави во фаза на предистрага.

Од Министерството за правда неодамна испратија ново барање за екстрадиција, односно по правосилната пресуда за случајот ,,Плацеви на Водно”.

Унгарските власти веќе еднаш негативно одговорија на првото барање, испратено во 2018 година.

-Министерството за правда во наредниот период ќе поднесе ново барање за екстрадиција на Никола Груевски. Досега е испратено едно барање за екстрадиција од ноември 2018 година и едно дополнување на барањето за екстрадиција од јуни 2019 година. Екстрадицијата е побарана за сите случаи за кои имавме сознанија дека се водат постапки пред македонските правосудни органи, односно за сите постапки за кои е распишана потерница, ни одговорија неодамна од Министерството за правда.

Оттаму појаснуваат дека првото барање било одбиено со образложение дека Груевски добил азил.

Како што неодамна објави „Фокус“, екс премиерот Груевски пак е слободен граѓанин за Интерпол. Меѓу 7.232 озлогласени криминалци по кои трага Интерпол, не се наоѓа негова фотографија. На листата на бегалци има двајца македонски но меѓународната полиција не трага по екс премиерот на Македонија.

Веднаш по неговото бегство во Унгарија, во ноември 2018 година, по барање на Обвинителството за организиран криминал и корупција, МВР испрати податоци до Интерпол, со седиште во Лион, Франција, но оттаму одбија да ја објават меѓународната потерница. И по 4 години за нив Груевски е слободен граѓанин кој слободно може да патува во други земји.

И покрај очекувањата на македонските власти потерницата да се објави, сепак, тоа не се случи. Сепак, и од правилникот на Интерпол, донесен во 2015 година, може и да се претпостави дека фотографијата на Груевски нема да осамне на нивната страница. Главната причина е што Груевски и официјално доби азил од Унгарија, со образложение дека во Македонија бил под политички прогон, а правилото на Интерпол е да не објавува потерници за лица чиј бегалски статус е потврден.

Груевски според унгарските власти бил жртва на политички прогон. Ова е официјалниот став на Унгарија кој го соопшти министерот за правда Лазло Трошани кој појасни дека по нивната одлука за азил залудно било барањето на Македонија за екстрадиција. Министерот, гостувајќи во тамошните медиуми, објаснуваше и дека поранешниот македонски премиер сега има право да побара унгарски патни документи и потоа ќе може слободно да патува во Европската унија како секој друг граѓанин. И не само што ќе може да патува, туку ќе може и да се кандидира на избори и да биде избран на високи политички функции.

Валентина Вурмо

Поврзани новости